Агенцијата за храна и ветеринарство во изминатиот период активно беше вклучена во регионалната кампања за подигнување на свеста и поддршка при спречувањето на ширењето на Африканската чума кај свињите во југо-источна Европа која се спроведуваше во соработка со Европската агенција за безбедност на храна.
Во спроведувањето на оваа кампања беа инволвирани земјите кои во 2019 година ЕФСА ги идентификуваше како “засегнат регион” поради нивната географска близина со земјите во кои е присутна Африканската чума кај свињите. “Засегнатиот регион” го сочинуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Северна Македонија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора.
Со оваа кампања се даде поддршка на напорите на Европската комисија и другите меѓународни организации во насока на искоренување на оваа болест во Европа, а целни групи на кампањата беа фармерите, ловците, туристите и ветеринарите.
Како партнер во спроведувањето на регионалната кампања, Европската агенција за безбедност на храна и додели сертификат на Агенцијата за храна и ветеринарство како благодарница за заедничкиот вложен труд и посветеноста во насока на подигнувањето на јавната свест и спречувањето на ширењето на оваа болест која со големи економски последици.
Во насока на спречување на појавата на Африканската чума кај свињите, Агенцијата за храна и ветеринарство на национално ниво донесе и ефикасно спроведе сет мерки кои меѓу останатото вклучуваат и категоризација на одгледувалиштата со свињи, воспоставување биосигурносни мерки на ниво на фарма, стимулирање на ловците да пријавуваат угинати диви свињи, засилен надзор во ловиштата и санитарен отстрел, со земање мостри за испитување на присуство на болеста од секоја застрелана свиња.