Под покровителство на Европската агенција за безбедност на храна (EFSA), денес и утре во Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе биде домаќин на регионална работилница “SIGMA проект и собирање податоци за зоонози и нивно репортирање во EFSA”. На состанокот присуствуваат високи претставници од Европската агенција за безбедност на храна, претставници од конзорциумот кој го спроведува SIGMA проектот, претставници од ветеринарните служби на земјите во регионот, од Агенцијата за храна и ветеринарство, Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје и oд Институтот за јавно здравје.
Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, во улога на претседавач со состанокот, ги поздрави присутните и истакна дека овие иницијативи за регионална соработка овозможуваат не само зајакнување на административната соработка помеѓу надлежните органи, туку и успешно справување со болестите предизвикани од вектори (како што се Африканската чума кај свињите, болеста на јазлеста кожа кај говедата итн.) и антимикробната резистентност.
Соработката на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија со Европската агенција за безбедност на храна, како и посветеноста во насока на следење на глобалните трендови чија цел е заштита на јавното здравје и здравствената заштита на животните, резултираше со приклучување на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија во конзорциумот кој го спроведува SIGMA проектот.
Република Северна Македонија, претставувана од Агенцијата за храна и ветеринарство е единствена земја која не е членка на Европската унија, а која на денешниот состанок беше официјално поканета да се приклучи во конзорциумот и рамноправно да учествува, давајќи свој придонес за успешно спроведување на проектот.
Конзорциумот е формиран со цел да се обезбеди научна и техничка поддршка на Европската комисија во процесот на спроведување епидемиолошка анализа на појавата на болести кај животните (Африканска чума кај свињите, Јазлеста кожа кај говедата и Авијарна инфлуенца) и проценката на податоците од спроведените надзори во однос на Echinococcus multilocularis и Авијарната инфлуенца.