Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) продолжи со спроведување на нов циклус работилници за запознавање на одгледувачите на овци и кози со ризиците и начините на внесување на болеста чума кај малите преживари, која од неодамна е потврдена и во соседна Бугарија. Денес, во Тетово се одржа првата работилница на која предавања за болеста одржаа стручни лица од Агенцијата за храна и ветеринарство и професори од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје. На работилницата присуствуваа претставници од Сојузот на одгледувачи на овци и здруженија и претставници од кланиците.
-Ова е седма работилница. Целта е да ја подигнеме свеста за мерките кои ги преземаме во изминативе 4 месеци заради појава на болеста чума кај малите преживари, во соседна Грција и во Романија, а од минатиот месец и во Бугарија. Нашата претпазливост е огромна. Целта ни е да спречиме внесување на вирусот на болеста во нашата држава и негово проширување, пред се кај овците и козите кои ги чуваат нашите фармери, но и кај дивите овци и кози. Станува збор за вирусно заболување , кое не се пренесува на човекот и не е опасно по неговото здравје, но е опасно по здравјето на животните и има голем процент на смртност кај нив, до 90 проценти – истакна за медиумите Светлана Колариќ, државен советник за храна при АХВ.
Важно е, додаде таа, одгледувачите на добиток да ги преземат сите неопходни мерки за да превенираме внес и ширење на вирусот, бидејќи може да претрпиме големи економски штети. При евентуално заболување, добитокот ќе мора да се уништи.
-Јагнето е наш стратешки извозен производ и затоа како држава мораме да се грижиме и да ги преземеме сите потребни мерки за да спречиме појава на болеста која би значела голема економска штета. Во моментов во земјава имаме околу 480 илјади овци и кози. Појавата на болеста би значела забрана за движење, нештетно отстранување, забрана за извоз на јагнето како наш стратешки производ – потенцира Колариќ.
За тоа како да ја препознаат болеста први обука поминаа ветеринарите од ветеринарите друштва кои што се овластени од Агенцијата за храна и ветеринарство. Тие ги имаат потребните податоци за да направат контрола кај одгледувачите на добиток и да информираат за евентуална појава на знаци на болеста. Досега, од се што е пријавено како сомнеж, немаме позитивен резултат – објасни таа.
Биосигурносните мерки се превентивни мерки кои треба да ги преземат сточарите. Најголема заштита е, рече Колариќ секој сточар да се грижи за своето стадо. Доколку има потреба животните да се движат мора да имаат сертификат, но, потребно е да научат и да ги препознаваат симптомите на болеста. Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решенија и го забрани увозот овци, кози и нивни производи од земјите каде болеста е појавена. Моментално во земјава има 4 илјади одгледувалишта на овци и кози со околу 478 илјади мали преживари. Годишно од државата се извезуваат околу 200 илјади јагниња.
Во понеделник, за препознавање на симптомите, штетата која може да ја предизвика болеста чума кај малите преживари, потребата од воспоставување на биосигурносни мерки на фармите за спречување на појава и нејзино ширење, работилница ќе се одржи во општинската сала во Кавадарци од 11 до 14 часот, а во вторник на 24 декември и во салата на Општина Штип од 10 до 13 часот.