Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Научна ревија за здравствена проценка на ризик по здравјето на луѓето од микотоксини (афлатоксини, охратоксин, трихотецени, дезоксиниваленол, зеараленон) со фокус на нивната генотоксичност и карциногеност и преглед на RASFF нотификациите

Во овој научен ревијален труд опфатени се најновите научни податоци во однос на ризикот по човековото здравје од акутен и хроничен диететски внес на микотоксини преку храната (афлатоксини, охратоксин, трихотецени, дезоксиниваленол, зеараленон, фумозинини, ергот алкалоиди)). Во почетниот дел внесена е и табелата за микотоксини од новата, ажурирана Регулатива на Европската Комисија (ЕУ) 2023/915 од 25 април 2023 година за максимални нивоа за одредени загадувачи/контаминенти во храната.

Фокусот е ставен на канцерогеноста и генотоксичноста на афлатоксините, поконретно генетската подложност, хроничната хепатитис Б и Ц вирусна инфекција и генетските мутации од хронична диететска експозиција на афлатоксини преку храна, како механизам за индуцирање настанок на хепатоцелуларен карцином (HCC) односно црнодробен карцином, како и на хиперсензитивниот пневмонитис од експозиција на охратоксините, како и сите досега утврдени негативни ефекти по човековото здравје од акутна и хронична токсичност на овие и останатите микотоксини. Хроничната инфекција со вирусот на хепатитис Б (HBV) може да иницира индукција на ензимот - цитохромот P450sА (CYP3A и CYP1A2), oдговорни за конверзија на нетоксичниот афлатоксин B1 (AFB1) во високотоксичниот и мутаген метаболит - AFB1-8,9-епоксид (AFBO) и AFB1-FAPY. Овој метаболит ја напаѓа двојноверижната спирала на DNA преку врзување за N7 позицијата на остатоците од гванин за да произведе про-мутагено нестабилнo DNA соедиение AFB1-N7-Guanin, кое предизвикува специфична транзверзна мутација ("hotspot") G:C до T:A во кодонот 249 на туморскиот супресорен ген Tp53, кој е вклучен во регулацијата на клеточниот циклус. Оваа мутација е типична за пациенти со HCC од региони со висока хронична диететска експозиција на афлатоксини преку храната.

Развојот на HCC е сложен повеќестепен процес кој започнува со преканцерозни цирозни нодули (јазли), таканаречени нодули со низок степен на дисплазија (LGDN) кои еволуираат во нодули со висок степен на дисплазија (HGDN) кои можат да се трансформираат во HCC во рана фаза. Молекуларни студии ја поддржуваат клучната улога на матурните хепатоцити како клетка на потекло - прогенитори, коишто се подвргнуваат на директно трансформирање во HCC или со дедиференцирање во клетки прекурсори на хепатоцитите. Овој тумор е резултат на акумулацијата на околу 40-60 соматски геномски промени по тумор, од кои 4-8 се сметаат за гени двигатели одговорни за настанок на рак. HCC е прототипски карцином поврзан со воспаление, каде што е имунолошката микросредина и оксидативен стрес присутен во хронично оштетениот црн дроб играат клучна улога во поттикнувањето генетски мутации.

Најчести мутации што се јавуваат кај HCC се во TERT промоторот (56%), TP53 (27%), CTNNB1 (26%), ARID2 (7%), ARID1A (6%) и AXIN1 (5%) гените. Овие мутирани гени учествуваат во контролата на клеточниот циклус и стареењето (TERT и TP53), клеточната диференцијација (CTNNB1 и AXIN1) и ремоделирање на хроматинот (ARID2 и ARID1A). HBV се интегрира во геномот на гените двигатели, како TERT промотор, MLL4 и циклин E1 (CCNE1). Злоупотребата на алкохол и HCV инфекција се поврзани со CTNNB1 мутации. TP53 мутациите се најчестите промени соа специфичен фокус на мутација (R249S) кај пациенти експонирани на афлатоксин Б1 (АFB1).

Примарната превенција на HCC може да се постигне со вакцинација против HBV (во три дози: веднаш - 0,на навршување на 1-от месец и 6-ти месец) и ефективен третман на HBV и HCV инфекција.Ефективни антивирусни третмани за пациенти со хронична HBV инфекција – и постигнување незабележливи вирусни титри (циркулирачка HBV-DNA) - го намалуваат ризикот од развој на HCC. Кохортни студии и студии за контроли на случај покажаа дозно зависна врска помеѓу конзумирањето кафе и намалената инциденца на HCC. Како резултат на тоа, конзумирањето кафе е препорачано како стратегија за хемопревенција кај пациенти со хронично заболување на црниот дроб.

Системи за одредување на стејџинг се користат за стратификација на пациентите според прогностички фактори и исходот и администрација на најдобрите достапни терапии базирани на докази. Најприфатен систем за одредување на стадиум (стејџинг) на  HCC е Класификацијата на Клиниката во Барселона за рак на црниот дроб (BCLC), која е одобрена од САД и Европски упатства за клиничка пракса. Класификацијата за рак (BCLC) се состои од пет фази кои ги избираат најдобрите кандидати за терапии според податоци засновани на докази.Пациенти со асимптоматски рано детектиран HCC (фази 0-А) се кандидати за радикални терапии (ресекција, трансплантација или локална аблација). Асимптоматски пациенти со мултинодуларен хепатоцелуларен карцином (HCC) (фаза Б) се погодни за транскатетер артериска хемоемболизација (TACE), додека пациентите со напреднати симптоматски тумори и/или инвазивни тумори (стадиум Ц) се кандидати за примање системски терапии.Болеста во краен стадиум (стадиум Д) вклучува пациенти со лоша прогноза кои треба да се третираат со супортивна нега. За  стадиум B и C  според  BCLC  Kласификацијата прволиниски и второлиниски  лекови за системска терапија се  atezolizumab + bevacizumab, sorafenib  или  lenvatinib. Третолиниски лекови се regorafenib, cabozantinib, ramicirumab и pembrolizumab/nivolumab + ipilimumab.

Соединенијата - AF-alb (AFB1-lys), уринарниот AF-N7-gua и уринарниот AFM1 се сите биомаркери на изложеност кај диететски внес на афлатоксин преку исхраната. Бидејќи AF-alb (AFB1-lys) подобро ја одразуваат изложеноста на подолг временски рок  (т.е. неколку недели), имаат тенденција да бидат почесто користени особено како биомаркери за хронична диететска експозиција (хроничен токсицитет), додека уринарните AFM1 и AF-N7-gua се соодветни биомаркери за скорешна изложеност (акутна експозиција – токсичност).

Во научното мислење изработено од експертскиот CONTAM Панел за контаминенти на EFSA за проценка на ризик од афлатоксини во храната од 2020-та година користен е пристапот на маргина на експозиција (MoE) за проценка на експозиција и карактеризација на ризик, зашто AFB1 е докажана генотоксична, мутагена и карциногена хемиска супстанца. Вредностите на MOE, од спроведените студии користени за ова мислење, се движеле од 1.143 до 64 за високите потрошувачи на 95-та перцентила (P95) за долната т.е. пониската граница (LB) на AFB1 диететската експозиција и од 145 до 29 на P95 за горната т.е. повисоката граница (UB) на хронична диететска изложеност за AFB1 низ различните диететски истражувања и возрасни групи. Пресметаните MOE изнесувале под 10.000, што покренува загриженост за здравјето на потрошувачите. Највисоки просечни концентрации на AFB1 и AFT биле за категоријата храна „Мешунки, јаткасти плодови и маслодајни семиња“ (кикирики, ф'стаци и „други семиња“). Највисоките средни концентрации на AFM1 биле пријавени за „Млеко и млечни производи“ и храна на база на млеко кои припаѓаат на категоријата храна „Храна за доенчиња и мали деца“.

CONTAM Панелот  на EFSA заклучил дека зголемувањето на моменталните ЕУ максимални вредности  за афлатоксинии од 4 на 8 до 10 μg/kg во бадеми, лешници и фстаци би имало минорни ефекти на проценетата диететска експозиција, ризикот од карцином, калкулираната маргина на експозиција како и јавното здравје.

Научните податоци се во прилог на научно-базираниот процес на здравствена проценка на ризик, односно на идентификацијата и карактеризацијата на опасноста. На крајот на документот ставен е screenshot од Националната студија за потрошувачка на одредени категории на храна и прехранбени производи од Сеопфатната база на податоци на Европската агенција за безбедност на храна (EFSA), а објаснета е и онлајн софтверот/алатката RACE TOOL за калкулација на проценка на експозиција/ експозициона статистика на хемиски контаминенти во храната изработена од експертите на EFSA.

Дополнително направен е табеларен и графички приказ со анализа на RASFF нотификациите за периодот 2013-2023 во однос на афлатоксините детектирани во сите прехранбени производи, во јаткастите плодови и нивните производи, како и земјата на потекло (увоз) со коментар.

Овој документ во целост е научно изработен, стручно преведен, адаптиран, научно систематизиран, ажуриран со најнови научни податоци од релевантна стручна литература, трудови/стручни публикации и монографии, како и научни мислења од страна на Д-р Виктор АРСОВ, дипломиран доктор по медицина, специјалист интернист, експерт за здравствена проценка на ризик поврзана со опасности во храната, нутриција, диететски производи и алергии, помлад соработник за логистика за информации за здравствена проценка на ризик поврзани со опасности во храната, со 18 годишно работно и професионално искуство во Секторот за проценка и комуникација на ризик (СПКР).