Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Храна третирана со јонизирачко зрачење

Некои видови храна во текот на производствените процеси можат да бидат подложени на третман со високо-енергетско јонизирачко зрачење. Целта на овој третман е една од следните:

  • намалување на појавите на заболувања поврзани со храната преку уништување на патогените микроорганизми
  • намалување на расипувањето на храната со успорување или запирање на процесите на гниење, како и уништување на микроорганизмите што предизвикуваат гниење
  • намалување на загубите на храна поради предвремено зреење, `ртење или проникнување
  • отстранување на организмите во храната кои се штетни за растенијата или растителните производи

 

Третманот на храната со јонизирачко зрачење може да се одобри доколку се исполнети следните услови:

  • има оправдана технолошка потреба
  • не претставува опасност по здравјето на луѓето и се спроведува според точно определени услови
  • e корисно за потрошувачот
  • не се употребува како замена за хигиенска и добра производна или земјоделска пракса

 

Храната третирана со јонизирачко зрачење мора да биде означена, а при означувањето треба да се користат зборовите „озрачена“ или „третирана со јонизирачко зрачење“. Интернационалниот симбол за храна третирана со јонизирачко зрачење кој треба да биде ставен на означувањето е т.н. Радура симбол прикажан подолу:

 

radura simbol

 

Третманот на храната подложена на јонизирачко зрачење мора да се спроведе во авторизиран објект од страна на Дирекцијата за радијациона сигурност и Агенцијата за храна и ветеринарство. Со оглед на тоа што во Република Северна Македонија нема објекти кои спроведуваат ваков вид третман на храната, дозволен е увоз на ваков вид храна доколку истата е третирана во еден од објектите кои се наоѓаат на Листата на одобрени објекти за третирање на храна со јонизирачко зрачење која може да се увезе во Република Северна Македонија, која редовно се ажурира.

 

Важно е да се напомене дека третманот на храната со јонизирачко зрачење не треба да се поистоветува со радиоактивна контаминација на храната причинета од неконтролирано присуство на радиоактивност од истекување или друг несреќен случај.