
Во време на глобални закани по јавното здравје и безбедноста, Република Северна Македонија активно работи на подигнување на подготвеноста и интероперабилноста на своите институции за зајакнување на биолошката безбедност на граничните подрачја и службите од прва линија при одговор. Во таа насока, од 25 до 27 јуни 2025 година во Скопје се одржа национална обука и симулациска вежба за биобезбедност и биосигурност, организирана од Министерството за надворешни работи и трговија, Агенцијата за храна и ветеринарство и Институтот за јавно здравје, како дел од регионалниот проект P100 за зајакнување на биолошката безбедност на граничните подрачја во Југоисточна и Источна Европа, финансиран од ЕУ CBRN Центрите за извонредност.
Оваа иницијатива го потенцира значењето на меѓуинституционалната соработка, како и потребата од брз, координиран и стручен одговор при евентуални биолошки закани – локални или глобални.

„Со учество во вакви иницијативи, државата не само што ги јакне своите внатрешни капацитети за справување со биолошки ризици, туку и дава активен придонес кон регионалната и глобалната безбедност. Со овој проект ја потврдуваме нашата посветеност кон меѓународната заедница и нашата улога како одговорен партнер во справување со глобалните предизвици
- се обрати државниот секретар во Министерството за надворешни работи и трговија, Елена Кузмановска Биондиќ.
Во текот на тридневната обука, учесниците – претставници од граничната полиција, царината и Агенцијата за храна и ветеринарствло поминаа низ теоретска едукација, практични вежби, користење на лична заштитна опрема, управување со биолошки отпад и деконтаминација, како и симулации на реални биолошки инциденти.
Според државниот советник Радмила Јовановиќ-Николовска биолошката безбедност е стратешки приоритет за јавното здравје и националната сигурност и е клучен столб во заштитата на јавното здравје, животната средина и националната безбедност.
„За секоја држава, воспоставувањето и одржувањето на ефективен систем на биобезбедност и биосигурност е од суштинско значење не само за превенција и рано откривање на епидемии, туку и за зајакнување на здравствените системи, заштита на економијата, особено агро-прехранбениот сектор, како и исполнување на меѓународните обврски за здравствена и биолошка безбедност“
- нагласи Јовановиќ-Николовска.
Таа подвлече дека Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) има клучна улога во оваа сфера, како институција надлежна за спроведување на мерки за биолошка безбедност и биосигурност на национално ниво.
„Придонесот на АХВ е суштински за здравствената стабилност на земјата, заштита на јавното здравје и подготвеноста на државата за справување со биолошки инциденти – било да се работи за природни појави или намерни дејства“
- посочи државниот советник.

Националната обука за справување со хемиски, биолошки, радијациони и нуклеарни предизвици се спроведува како една од активностите во склоп на П100-регионален проект за зајакнување на биолошката безбедност на граничните подрачја во Југоисточна и источна Европа. (P100 Strengthening of Front-Line Biosafety and Biosecurity Measures in the South East and Eastern European Region.)
Проектот е финансиран од ЕУ ХБРН Центрите за извонредност (CBRN Centres of Excellence) а покрај Министерството за надворешни работи и трговија кое што има координативна улога, носители и имплементатори се Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за храна и ветеринарство, Институтот за јавно здравје и Царинската управа.
Обуката е насочена кон јакнење на капацитетите на службите од прва линија при одговор на биолошки ризици, со учество на претставници од граничната полиција и царинска управа. На настанот присуствуваа и меѓународниот партнер преку свој експерт обсервер.
Првиот ден беше посветен на теоретски воведи и презентации за биолошките закани, улогата на институциите на прва линија, процедурите за детекција и одговор, како и царински операции во услови на биолошка криза.

Вториот ден се фокусираше на практични теми, вклучувајќи гранични операции, користење на лична заштитна опрема, управување со отпад и деконтаминација, како и мерки за карантин. Овие теми ги обработија експерти од Агенцијата за храна и ветеринарство, Институтот за јавно здравје, Царинската Управа и Министерството за внатрешни работи.
Третиот ден беше резервиран за симулациони вежби по сценарија на потенцијални биолошки инциденти. Настанот заврши со изведување на финалната вежба, дискусија за заклучоци и доделување сертификати на учесниците.

Обуката претставува дел од пошироките активности на P100 North Macedonia National Training, кој има за цел да изгради национални капацитети преку едукација, зајакнување на институционалните врски и оперативна подготвеност. Проектот обезбедува платформа за интеграција на националните политики со регионалните и меѓународни практики во одговорот на ХБНР закани и унапредување на меѓуинституционална и меѓуресорска соработка.

