Агенцијата за храна и ветеринарство врши мониторинг на антимикробната отпорност со цел да обезбеди усогласеност со барањата пропишани со овој закон за да се овозможи добивање на компаративни податоци за појавата на антимикробна отпорност кај предизвикувачите на зоонози, доколку тие претставуваат закана за јавното здравје или други предизвикувачи согласно член 73 став (1) од Закон за безбедност на храна (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 157/10, 53/11, 1/12, 164/13, 187/13, 43/14, 72/15, 129/15, 213/15, 39/16 и 64/18). Директорот на Агенцијата донесува петгодишна Програма за антимикробна отпорност. Петгодишната Програма за антимикробна отпорност за периодот 2017 – 2021 година e објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 49/17.
Со Програмата за антимикробна отпорност се врши мониторинг на антимикробната отпорност со цел да обезбеди усогласеност со барањата пропишани со Законот за безбедност на храна за добивање на компаративни податоци за појавата на антимикробна отпорност кај предизвикувачите на зоонози, доколку тие претставуваат закана за јавното здравје или други предизвикувачи и се утврдуваат деталните правила за мониторинг и известување за антимикробна отпорност кои се вршат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство во согласност со Правилникот за начинот на вршење на официјалните контроли и постапките за мониторинг на зоонози и предизвикувачи на зоонози и листа на зоонози и предизвикувачи на зоонози кои се редовно предмет на мониторинг (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 80/11).
Со Годишниот план за мониторинг на антимикробна отпорност се собираат репрезентативни изолати преку овластената лабораторија најмалку од секоја од следните видови и категории на животни и категории храна:
- изолати на Salmonella spp. од:
- секоја популација на кокошки
- несилки, бројлери и товени мисирки од кои се земени примероци во рамките на националните програми за контрола, воведени во согласност со Правилникот за начинот на вршење на официјални контроли на Салмонела и други одредени алиментарни интоксикации;
- трупови од бројлери и товени мисирки од кои се земени примероци за тестирање и проверка на сообразноста, во согласност со точка 2.1.5 Поглавје 2 од Прилог I на Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната;
- трупови од товени свињи од кои се земени примероци за тестирање и проверка на сообразноста, во согласност со точка 2.1.4 Поглавје 2 од Прилог I на Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната;
- трупови од говеда под една година старост, кои се земени примероци за тестирање и проверка на сообразноста во согласност со точка 2.1.3 Прилог I на Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната.
- изолати на C. jejuni од цекални примероци собрани при колење на бројлери и товени мисирки;
- изолати на индикатор коменсална E. coli од:
- цекални примероци собрани при колење на бројлери и товени мисирки;
- цекални примероци собрани при колење на товени свињи и говеда под една година старост.
- изолати на E. coli која произведува ESBL, AmpC или карбапенемази од:
- цекални примероци собрани при колење на бројлери и товени мисирки;
- цекални примероци собрани при колење на товени свињи и говеда под една година старост;
- примероци од свежо месо од бројлери, од свинско месо и од говедско месо, собрани од малопродажба.
- изолати на C. coli од:
- цекални примероци собрани при колење на бројлери;
- цекални примероци собрани при колење на товени свињи;
- изолати на E. faecalis и E. faecium од:
- цекални примероци собрани при колење на бројлери и товени мисирки;
- цекални примероци собрани при колење на товени свињи и говеда под една година старост.
Изолатите кои се тестираат за да се утврди антимикробната осетливост се добиваат од програмите за следење врз основа на план за земање примероци по тие програми и тоа:
- Националниот контролен план за намалување на присуството на салмонелоза кај кокошки несилки, матични јата, бројлери, инкубаторски станици (Gallus gallus) во Република Северна Македонија;
- Планот за утврдување на сообразност со микробиолошките критериуми за храната;
- Планот за мониторинг на антимикробна отпорност.
Проценката на резултатите од следењето на антимикробната отпорност од оваа програма се вклучува во годишниот извештај за движењата и жариштата на зоонози и предизвикувачи на зоонози во согласност со член 9 од Правилникот за начинот на вршење на официјалните контроли и постапките за мониторинг на зоонози и предизвикувачи на зоонози и листа на зоонози и предизвикувачи на зоонози кои се редовно предмет на мониторинг (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 80/11).
Законски и подзаконски акти
- Закон за безбедност на храна (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 157/10, 53/11, 1/12, 164/13, 187/13, 43/14, 72/15, 129/15, 213/15, 39/16 и 64/18);
- Закон за ветеринарно здравство (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 113/07, 24/11, 136/11, 123/12, 123/15, 154/15 и 53/16);
- Закон за инспекциски надзор (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 50/10, 162/10, 157/11, 147/13, 41/14, 33/15, 193/15, 53/16 и 83/18);
- Закон за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 66/04, 139/08, 99/09, 149/14, 150/15 и 37/16);
- Програма за антимикробна отпорност за периодот 2017 – 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 49/17);
- Правилник за начинот на вршење на официјалните контроли и постапките за мониторинг на зоонози и предизвикувачи на зоонози и листа на зоонози и предизвикувачи на зоонози кои се редовно предмет на мониторинг (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 80/11);
- Правилник за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 100/13, 145/14 и 37/17);
- Правилник за начинот на вршење на официјални контроли на Салмонела и други одредени алиментарни интоксикации (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 34/15);
- Национален контролен план за намалување на присуството на салмонелоза кај кокошки несилки, матични јата, бројлери, инкубаторски станици (Gallus gallus) во Република Северна Македонија.