Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Зајакнување на националната Кодекс структура во земјата

04.09.2020

Глобалните стандарди за безбедност на храната кои што ги развива Комисијата на Кодекс Алиментариус сè повеќе добиваат на важност во свет со постојано растечка економија, а целта е да се обезбеди безбедна храна за сите, истовремено овозможувајќи учество на повеќе земји во меѓународната трговија со храна.

Секоја членка на Кодекс Алиментариус е одговорна за воспоставување на единствена Кодекс контакт точка, одговорна за координирање на програмата. Кодекс контакт точката првенствено е координатор и фокална точка за активностите на Кодекс во рамките на земјата и претставува врска помеѓу земјата и Комисијата на Кодекс Алиментариус (и нејзиниот Секретаријат).

Проектот насловен „Зајакнување на националната Кодекс структура во земјата“ го имплементира Агенцијата за храна и ветеринарство како национална контакт точка за Кодекс Алиментариус со техничка поддршка на ФАО, како и Националната агенција за безбедност на храна на Шведска и Норвешката Агенција за безбедност на храна, кои воедно се и твининг партнери на Северна Македонија во овој проект.

Имплементацијата на проектот, чија вредност изнесува 95.100,00 $ започна во септември 2019 година и е предвидено да трае до 2022 година. За времетраење на проектот предвидено е да се реализираат повеќе експертски мисии, работилници, и обуки, со вклучување на меѓународни и национални експерти.
Главни цели на овој проект и дел од придобивките кои земјава ќе ги добие со реализација на Акцискиот план на проектот вклучуваат:

  • Зајакнување на капацитетите за воспоставување на оперативна национална Кодекс структура,
  • Ефикасно вклучување на Република Северна Македонија во Кодекс системот,
  • Активно учество во работата на сите тела на Кодекс, како рамноправна членка,
  • Воспоставување на национални приоритети за работа во Кодекс,
  • Обезбедување буџет за идните активности поврзани со работењето на Кодекс,
  • Усвојување на Кодекс стандарди, итн.

Со цел опфаќање на сите аспекти на системот за безбедност на храната, во имплементацијата на проектот се вклучени и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, Фитосанитарната управа, Институтот за јавно здравје и Државната фитосанитарна лабораторија, како институции кои се дел од националната Кодекс структура. 

Покрај горенаведените, а во зависност од приоритетите на Република Северна Македонија во Кодекс, може да бидат вклучени и други институции и засегнати страни.