Агенцијата за храна и ветеринарство подготви и испечати информативни двојазични постери (македонско-албански и македонско- турски јазик), наменети за одгледувачите на добиток и за граѓаните, кои во пресрет на муслиманскиот празник Курбан Бајрам планираат да продаваат или да купат добиток. Во постерите кои ќе бидат дистрибуирани до сите регистрирани добиточни пазари, детално се опишани правата и обврските на одгледувачите на животни за продажба на животните на регистрираните пазари, почитувајќи ги одредбите од законите кои се однесуваат на здравствената заштита и благосостојба на животните, за идентификација и регистрација и други.
Преку овие информативни постери, до купувачите се апелира да не се купува добиток од дивите пазари, каде нема гаранција за здравствената состојба на животните, со што во прашање се доведува и здравјето на купувачите.
Со цел да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на граѓаните и да се гарантира консумација на безбедно месо кое потекнува од здрави животни, при тоа почитувајќи ги културните и религиските барања на верските заедници, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира купувачите да купуваат животни директно од регистрирани одгледувалишта на добиток или од регистрираните пазари и животните да имаат сертификат за здравствена состојба и истите да ги колат во одобрени кланици од страна на Агенцијата.
Агенцијата за храна и ветеринарство испрати допис до сите добиточни пазари и до општините каде се наоѓаат одобрените пазари од Агенцијата, за соодветните општински инспекциски служби да бидат присутни на терен една седмица пред празникот Курбан Бајрам и да ја следат состојбата на терен. Агенцијата упатува апел до регистрираните добиточни пазари, доколку се во можност да работат сите денови во седмицата пред овој голем муслимански празник.
- Постерот на македонско - албански јазик може да го преземете тука.
- Постерот на македонско – турски јазик може да го преземете тука.