Во Македонија се конзумира безбедна храна. Затоа постојат и мониторинг програми, како и посебна програма за безбедност на храната поделена во посебни сегменти и сите анализи покажуваат дека јадеме квалитетна односно безбедна храна, рече директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов на промотивниот настан кој во пресрет на 16 Октомври - Светски ден на храната, се одржа денес во Веро Центар во Скопје. На настанот, компании од прехранбениот сектор ги презентираа своите производи пред граѓаните и донираа храна за СОС Детско село и пунктот за бездомни лица на Црвениот крст во Момин Поток.
– Во периодот од 1 јануари до денес се извршени околу 33.500 контроли на сите објекти. Најчести поплаки од граѓаните се главно околу задоволување на хигиенските стандарди во објектите или околу изминатиот рок на употреба на производите. Од почетокот на годината до септември се уништени околу 14 тони храна прогласени како небезбедни – рече Атанасов.
Во однос на потеклото на храната тој истакбна дека статистички има тенденција на изедначување на процентот на увозот на храната со извозот. Најмногу, вели, во земјата се увезува пилешко месо, бидејќи немаме свое домашно производство, како и сите светски брендирани производи кои не се произведуваат кај нас.
Марјана Лончар Велковска од Организацијата на потрошувачи на Македонија, посочи дека денеска се одбележуваат Денот на храната, 16 Октомври и 17 Октомври, Светскиот ден на борба против гладдта.
– Оваа иницијатива веќе стана традиционална. Апелирам до самите производители и трговци ова веќе да прерасне во нивна заедничка иницијатива и во Република Северна Македонија навистина да имаме вакви случаи и глетки, затоа што им е потребна на граѓаните храната која би требала да стигне до нивните трпези, а не да се фрла. Сметам дека ова подрачје наскоро ќе биде регулирано како што треба, на што работиме заедно со Агенцијата, особено на новиот правилник за означување на храната и информации за храната, рече Лончар Велкова.
Оваа манифестација Агенцијата за храна и ветеринарство ја организира во рамки на кампањата на Организацијата за земјоделство и храна при ОН (ФАО) по повод Светскиот ден на храната – 16 октомври. Годинава таа се реализира под мотото „Во светот да нема глад до 2030 година е можно“.
- Од овој настан праќаме порака дека нашето стопанство, нашите производители на храна се подготвени да ги задоволат потребите за храна во Македонија - заклучи директорот Атанасов.
Најмладите потрошуваши - децата, во рамки на манифестацијата која се одржа денеска, во ликовното катче твореа на тема ,,Здрава и безбедна храна за сите,,.