Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

АХВ активно вклучена во контролата и на органските производи

03.07.2017
АХВ активно вклучена во контролата и на органските производи

Производителите на органска храна да преземат конкретни чекори за поголема конкурентност, првенствено со вложување во современи технологии, зашто државите во регионот интензивно работат на развојот и се далеку пред нас, е пораката од тркалезната маса „Развојни трендови во земјоделскиот сектор во ЦЕФТА-регионот - Основа за поголема конкурентност на пазарот на ЕУ“, што се одржа денеска во Стопанската комора на Македонија, на која учествуваше и директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов. Тој истакна дека Агенцијата спроведува контроли со цел потрошувачите да не се доведуваат во заблуда. Контролите се врз основа на општите безбедносни барања за храната, посебните безбедносни барања за органската храна, како и на информациите за означувањето на органските производи кои се ставаат во промет. Досегашното искуство, потенцираше, покажува дека најмногу неправилности кај земјоделците има во начинот на употребата на хемиските препарати.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостоланство Љупчо Николовски најави дека со планираната поддршка од 160 милиони евра за земјоделството, акцентот ќе биде на органското производство за чиј развој Македонија има услови и може да понуди производи со додадена вредност и квалитет.

-Преку мерките во рамки на Програмата и програмите што ќе се носат во следниот период ќе предвидиме и дополнителни субвенции и нови мерки за модернизација на органското производство, но и засилена поддршка на извозот и на промоцијата на органските производи, изјави Николовски.

Со голем фокус на органското производство, смета Николовски, долгорочно ќе се надминат тековните проблеми во производството, откупот и цените.

Посебниот вкус и квалитет, според деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Вјекослав Танасковиќ, на македонскиот производ се уште му овозможува да биде добро препознаен на пазарите во поранешна Југославија, Источна и Средна Европа, а се очекува да биде така и во следниот период во Европската унија. - Единствен проблем е продуктивноста и конкурентноста во споредба со земјите од ЕУ, што е резултат на слабото воведување современи технологии во производството, на кое може да се надоврзат традициите и навиките на нашите земјоделски производители, послабото вложување во нови современи технологии, расцепканоста на површините, изјави Танасковиќ.

Неопходно е, потенцира, едуцирање на земјоделците преку образовни програми и обуки за поголемо производството и поголема конкурентност на пазарите во регионот и ЕУ.

Васко Ристовски од Стопанската комора укажа дека ако не се преземат конкретни чекори во земјоделскиот сектор во Македонија, особено во делот на органската храна, производителите нема да го одржат ниту сегашното ниво. - Земјите во регионот интензивно работат на развојот на земјоделството, особено на производството на органска храна и се далеку пред. Како резултат на не баш добрата земјоделска политика кај нас земјоделското производство стагнира и немаме никави резултати, рече Ристовски.

Според Сузана Димитровска од компанијата за органското произвдоство „Липа“, најголем проблем се климатските промени поради кои мора да се воведат современи технологии особено за наводнувањето. Важно е, наведе, и здружувањето. - Треба да направиме соодветни големи количини кои постојано ќе ги доставуваме до нашите купувачи. За тоа треба да се разговара не само на локално, туку и на регионално ниво, потенцира Димитровска.

Трговијата во регионот на ЦЕФТА, пред се, базира на размена на земјоделски производи кои се застапени со повеќе од 40 проценти во вкупната размена.

Како што рече Ристовски, за зголемување на конкурентноста на домашните производители и извозници ќе биде особено важна спогодбата за заедничка економска зона што се очекува да се потпише во Трст. Со неа треба да се усогласат прописите и процедурите. Во изминатиот период, потсети, не беа постигнати резултати, имаше бариери и секоја земја настојуваше да го заштити своето производство. Со заедничка промоција на регионот ќе се овозможи зголемен извоз не само во ЦЕФТА, туку и во трети земји, истакна Ристовски.

Категорија