Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) продолжува со континуираните едукативни активности во основните и средните училишта низ државата, насочени кон подигнување на свеста кај младите за важноста на правилните прехранбени навики и безбедноста на храната.
Во рамки на интерактивните предавања, стручните лица и државните советници од Агенцијата денес се дружеа со учениците од СУГС Гимназија „Орце Николов“ Скопје и ги запознаа со клучните аспекти и потенцијалните здравствени ризици од неконтролираното консумирање на специфични категории храна.

За храната за спортисти и додатоци во исхраната (протеини и креатин) учениците се едуцираа за правилната употреба на суплементите и ризиците од нивното прекумерно внесување без стручен надзор. Нагласено беше дека при прекумерен внес на протеини, само 60 проценти од нив се разградуваат, а останатите 40 проценти минуваат во дебелото црево неразградени и неискористени, каде под дејство на бактериите се распаѓаат и создаваат амонијак и други штетни материи, што дополнително го оптоваруваат црниот дроб. Истовремено, зголемениот внес на протеини, како што беше истакнато, води до зголемено создавање уреа и други метаболити, за чие растворање и исфрлање преку урината на телото му е потребна повеќе вода, што ги оптоварува бубрезите и може да предизвика дехидратација. Дополнително, се укажа дека високите дози на креатин се потенцијално небезбедни и можат да доведат до заболување на бубрезите, црниот дроб и оштетување на срцето. Како што беше истакнато, креатинот придонесува мускулите да ја извлекуваат водата од организмот, поради што е неопходен зголемен внес на течности.
За енергетските пијалаци акцент беше ставен на штетните последици од прекумерното внесување кофеин, шеќери и други стимуланси (таурин, инозитол). Според научните проценки на Европската агенција за безбедност на храната (EFSA), безбедната дневна граница за внес на кофеин кај децата и адолесцентите изнесува најмногу до 3 милиграми на килограм телесна тежина. Пречекорувањето на овие вредности, особено при физичка активност, може да предизвика забрзан срцев ритам, зголемен крвен притисок и несоница. Согласно Законот за трговија овие пијалаци не треба да ги консумираат бремени жени, доилики, лица со дијабетес и млади до 18 години.
Бои и адитиви во храната исто така беа дел од денешната едукативна работилница. Преку практични примери, младите учеа како правилно да ги читаат декларациите на прехранбените производи и да ги препознаат вештачките бои, засладувачи и конзерванси (Е-броеви), со цел да прават побезбеден и поинформиран избор при купувањето. Боите беше истакнато во презентациите, се супстанции кои се додаваат во мали количества за боење на храната без да ги изменат останатите својства на производот. Тие не се додаваат во мед, млеко, пакувана вода, масла, масти, брашно, концентрат од домати, пиперка во прав, овошни сокови и нектар, овошје и зеленчук, какао и производи од какао, кафе и вино.
Боите се користат како замена за природната боја изгубена во текот на обработката и складирањето на храната, со цел да се привлече вниманието на потрошувачот. Дозволено е користење само на оние бои кои се наоѓаат на листата на дозволени бои во законските и подзаконските акти и по нивна ревизија се додаваат или забрануваат.
Едукативните работилници се реализираат согласно Програмата за заштита на потрошувачите на Владата на Република Северна Македонија и во тесна соработка со образовните институции. Агенцијата за храна и ветеринарство и во претстојниот период ќе продолжи со спроведување на вакви превентивни активности, поттикнувајќи критичко размислување кај учениците и градење здрави животни навики.