Во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство и TAIEX инструментот на Европската комисија од 10 до 13 Ноември 2025 година во Скопје се одржа Експертска мисија за имплементација на законодавството на ЕУ во врска со благосостојбата на животните, особено за животните што се користат за научни цели.
Целта на Експертската мисија се фокусира на спроведувањето на законодавството на ЕУ во областа на благосотојбата на животните кои се користат за научни цели. Според тоа, учесниците се здобија со практични упатства за спроведување на одредбите од Директивата 2010/63/ЕУ на Европскиот Парламент и на Советот. Мисијата, исто така, се осврна на примена и користење на принципите на замена, намалување и усовршување при спроведувањето на експериментите во кои се користат животни, класификација на постапките според сериозноста, проценка на стресот и индикатори за хумани крајни точки. Преку експертска поддршка, учесниците ќе го подобрат своето разбирање на регулаторната рамка, ќе ги усогласуваат националните законски одредби со стандардите на ЕУ и ќе го зајакнат својот капацитет за спроведување ефективни постапки, поддржани од насочена обука и размена на знаења.

Дополнителни теми кои се обработуваа во текот на експертската мисија беа:
- Разгледување и разјаснување на самата ЕУ легислатива, Директивите 2010/63 и 2024/1262;
- Задачите на телата за благосостојба кај животните, квалификации за нивни членови, како и авторизација на проекти и релевантна документација, презентација на контролни листи и практични примери;
- Постапка за одобрување за одгледувачи, добавувачи и корисници на институции, минимални барања, практични примери;
- Овластување за проект, релевантна документација како и поедноставена административна постапка со практични примери и
- Надлежности и специфични барања за лично, соодветно образование и обука.