
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) одржа информативна и едукативна работилница посветена на улогата на Комисијата за заштита на правата на пациенти на град Скопје со акцент на значењето на правилното означување на храната, нутритивните и здравствените тврдења, додатоците во исхрана и храната за посебни медицински намени.
На работилницата „Придобивки за здравје, мода или заблуда при купување на храна -нутритивни означувања, додатоци во исхрана, и здравствени тврдења беа презентирани основните законски одредби за безбедност на храната и заштита на потрошувачите, особено ранливите групи, пациентите, лица со алергии, нетолеранции и специфични здравствени состојби. Се потенцираше колку е значајно да се читаат декларации на производи, пациентите да се информираат за алергените во храната и да се разликуваат тврдењата на производите.

На работилницата, Комисијата за заштита на правата на пациенти на град Скопје, беше информирања за ризиците од неконтролирана употреба на додатоци во исхрана и чаеви за слабеење, особено купени преку интернет од нерегистрирани продавачи; како и за разликите меѓу нутритивни и здравствени тврдења и начинот на нивно регулирање, потоа храната за посебна нутритивна и медицинска употреба – за кого е наменета, како се означува и што треба да знаат пациентите и здравствените работници.

– Нашата крајна цел е да ги заштитиме потрошувачите, особено најранливите категории – пациентите, од несоодветна или небезбедна храна и дезинформирање преку лажни тврдења. Апелираме граѓаните внимателно да ги читаат декларациите, да се советуваат со здравствени професионалци и да не наседнуваат на реклами преку интернет без потврден извор. Безбедноста на храната е клучна алка во заштитата на здравјето
– рече Светлана Колариќ, државен советник во Агенцијата за храна и ветеринарство
Присутните учесници од здравствените институции, пациентски организации и надлежни тела имаа можност да дискутираат за реални случаи на злоупотреби, дезинформации и лажно рекламирање на прехранбени производи, што директно влијаат врз здравјето и безбедноста на пациентите.

– Сѐ почесто сме сведоци на рекламирање на производи за слабеење со тврдења кои не се научно потврдени, а понекогаш дури и опасни по здравјето. Неконтролирана употреба на чаеви и додатоци за слабеење, особено оние набавени преку социјалните мрежи или нерегистрирани онлајн-продавници, може да доведе до сериозни здравствени компликации – од дехидратација и нарушување на електролитен баланс, до оштетување на органи. Консултирајте се со лекар, читајте ги декларациите, и избегнувајте „брзи решенија“ кои можат да носат долгорочни последици
– рече Радмила Ј. Николовска, државен советник во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Жанета Мијоска, раководител на сектор во Агенцијата за храна и ветеринарство потенцира дека здравствените и нутритивните тврдења на прехранбените производи мора да бидат научно поткрепени и однапред одобрени.
- Не е дозволено производите да се рекламираат со тврдења дека лекуваат или спречуваат болести. Тоа создава лажна сигурност и ја доведува јавноста во заблуда. Наш приоритет е да обезбедиме точни, јасни и проверени информации на декларациите , со цел граѓаните да можат да направат вистински избор и да се информирани при купување храна- рече Жанета Мијоска, раководител на сектор во Агенцијата за храна и ветеринарство.
АХВ апелира до потрошувачите да бидат внимателни при изборот на храна и додатоци во исхрана, да ги читаат декларациите, и да избегнуваат купување од непроверени извори.
Инспекциските служби продолжуваат со редовни контроли за заштита на јавното здравје.