Агенцијата за храна и ветеринарство и годинава се приклучува со поддршка на глобалната иницијатива за одбележување на 28 Септември, Светски ден на борба против беснилото, која годинава под мотото „Кршење на границите на беснилото“ се одбележува по 18-ти пат. Овогодинешното мото нагласува дека концептот „Едно здравје“ се однесува на секого од нас и не насочува да размислуваме надвор од рамката, да ги уништиме бариерите што стојат на патот на елиминација на беснилото. Тука спаѓаат јазлите во меѓународната соработка, недостатокот на пристап до основните ресурси (вклучувајќи квалитетни вакцини) и ограниченото знаење на јавноста за болеста.
Со годинашното мото, Глобалната алијанса за контрола на беснилото ги охрабрува засегнатите страни, организациите и луѓето од секоја сфера на животот да се обединат за да ја постигнат целта од нула смртни случаи од беснило до 2030 година #ZeroBy30.
Беснилото е прекугранична болест која бара прекугранична акција. Заедно, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Светската организација за здравје на животните (WOAH), Светската здравствена организација (СЗО) и Форумот Обединети против беснило го користат пристапот за Едно здравје за да ги здружат владите, производителите на вакцини, истражувачите, невладините организации и развојни партнери во борбата со болеста.
Со соработка и здружување на силите низ секторите, ангажирање на заедниците и почитување на задолжителнта вакцинација на кучињата, заедно како еден можеме да работиме кон првата цел за елиминирање на една болест за да го направиме концептот Едно здравје достапен за сите - користејќи го беснилото како пример.
Како одговорна институција за заштита на здравјето и на луѓето и на животните во контекст на концептот „Едно здравје“ координирајќи ги активностите на здравствената заштита на животните и јавното здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство континуирано презема активности за контрола и одржување на позитивна епидемиолошка состојба кога е беснилото како болест во прашање.
Во Република Северна Македонија во однос на оваа болест епидемиолошката состојба е стабилна. Од последните евидентирани случаи на беснило во 2012 година, кај мачка во радовишкото село Аргулица и кај волк во кочанското село Главовица, во земјава нема беснило. Како одговорна институција, навреме ги преземаме потребните мерки за контрола на состојбата.
Со стапка на смртност од речиси 100% и кај луѓето и кај животните, беснилото останува глобална закана, убивајќи приближно 59.000 луѓе секоја година. Кучињата се главниот резервоар на болеста. Контролирањето и елиминирањето на смртоносната зооноза значи, според тоа, борба против неа од нејзиниот животински извор.
Апел до сопствениците на домашни миленици: ,,Бидете одговорен сопственик кон вашиот миленик, кон самиот себе, кон своето семејство и непосредната околина. Беснилото е премногу сериозна болест. Вашата обврска за вакцинација на вашиот миленик против беснило извршувајте ја навремено и редовно во регистрираните ветеринарни друштва".
Вакцинирањето против беснило на кучињата и мачките е законска обврска, истата започнува на возраст од 4 месеци, а вакцината е потполно безопасна за миленикот. Ревакцинација се врши еднаш годишно.
НЕ ЧЕКАЈТЕ!
Вакцинирајте го вашиот миленик и помогнете во елиминација на беснилото!