“Јадеме безбедна и квалитетна храна. Се што е во промет и инспекциски контролирано, е апсолутно сигурно” - истакна на денешната прес конференција директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, која се одржа по повод одбележувањето на 7 јуни, Светски ден на безбедна храна.
Тој информира дека во првите пет месеци годинава, спроведени се повеќе од 22 илјади инспекциски контроли при што како небезбедни се уништени 18,6 тони храна од животинско и од неживотинско потекло. Според директорот, инспекторите, совесно ја вршат работата, а сите мерки во однос на безбедноста на храната што важат во ЕУ, се применуваат и кај нас.
- Се случува некои од земјите во ЕУ да ни вратат извезена храна и во вакви случаи грешката е најчесто во примарното производство, на нива, каде што се употребуваат одредени пестициди. Граѓаните при купување на кој било производ добро да се информираат што стои на декларациите, порача тој, а посебно да внимаваат на начинот на чување и складирање, како и на рокот на употреба.
- Често поради одредени грешки на економските оператори може да се најде на рафтовите во маркетите производ со истечен рок. Нашите инспектори на ова посветуваат посебно внимание, напомена Бабовски.
До Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата за храна и ветеринарство, од почетокот на годинава поднесени се 79 иницијативи од граѓани за вршење инспекциски надзор, од кои 32 за безбедноста на храната. Граѓаните се пожалиле на купување храна со поминат рок на употреба, храна подготвена и послужена во нехигиенски услови, несоодветно означена и неозначена храна, сомнежи за труење со храна, како и други претставки кои се однесуваат на квалитетот на прехранбените производи. По поднесените и основани претставки постапуваат инспекциските служби на АХВ.
-Повеќе од 600 милиони луѓе во светот се разболуваат од несоодветна, неквалитетна или небезбедна храна, повеќе од 420 илјади лица умираат секоја година од небезбедна храна, или, еден од 10 се разболуваат од контаминирана храна. Храната е воедно причинител и на преку 200 болести кај луѓето – додаде тој.
Со оглед дека наредната недела најавен е топлотен бран, истакна Бабовски, во одредени региони температурите ќе се искачат и до 39 степени, тој апелира граѓаните да бидат внимателни и на крајот од набавката да ги купуваат леснорасипливите производи, а потоа и веднаш да ги складираат на температура не повисока од пет степени.
- Заедно и одговорно треба да се грижиме за своето здравје, порача Бабовски.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна се одбележува под мотото „Безбедност на храната: подгответе се за неочекуваното“. Агенцијата за храна и ветеринарство се придружи кон кампањата Safe2Eat за 2024 година на Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) која се реализира со партнерите од ЕУ земјите членки и земјите кандидати.
Станува збор за ребрендирање на кампањата #EUChooseSafeFood (ЕУ избира безбедна храна), со обновена заложба за промовирање на свеста за безбедноста на храната кај европските граѓани. Кампањата има за цел да ги информира граѓаните за различните аспекти на безбедноста на храната, овозможувајќи им да направат избор на храна уверени во нејзината безбедност, но и да ја зголемат нивната лична доверба во системот за храна на ЕУ.
Во својата четврта година од реализирањето, кампањата годинава се фокусира на три клучни области. Првата се однесува за практиките за безбедна храна и непосредно е поврзана со европските, меѓународните и националните правила, поддржани со научни докази кои обезбедуваат безбедност на храната од фарма до трпеза. Вклучени се совети за безбедно ракување со храната, складирање, читање на етикетите и готвење, поддржани од најновата наука за да ги поттикнат потрошувачите да прават избори врз основа на информации за храната. Втората компонента е за храната и здравјето, поточно за консумирањето на разновидна храна во интерес на здравјето. Во овој сегмент кампањата ќе обезбеди јасност за нутритивните потреби, здравствените тврдења и науката која стои зад нив.
Третата компонента на кампањата е барање одговор на прашањето што има во вашата храна и е насочена кон европските регулативи кои ја гарантираат безбедноста на состојките на храната, вклучително и на адитивите и аромите. Во овој сегмент кампањата е фокусирана на објаснување зошто адитивите во храната и таканаречената новел (нова) храна се безбедни. Акцент е ставен на алергените, потенцирајќи дека производите што содржат алергени мора да бидат јасно означени.
Како одговорна институција за безбедноста на храната, АХВ континуирано работи на превенирање и управување со ризиците поврзани со храната, односно преземање на превентивни мерки, односно дел од нив - контролите кои ги спроведуваат нашите инспекциски служби, на домашниот пазар и при увоз. Целта е единствена, заштита на здравјето на граѓаните преку понуда на безбедна храна, од домашно производство и од увоз.
- На Светскиот ден на безбедна храна и оваа година ги потсетувам граѓаните дека нејзината безбедност е одговорност на сите нас. Почнувајќи од производителите, преработувачите, трговците, но, пред се, лично и на самите граѓани. Државата ги креира политиките, создава услови и ја контролира безбедноста на храната, но, сите ние сме потрошувачи и најмногу од нас, од тоа како и кога ќе ја набавиме храната, како ќе ја транспортираме, чуваме и подготвуваме во домот, зависи не само што, туку и колку квалитетно, но пред се безбедно ќе се храниме – потенцира Бабовски.
Повеќе од 600 милиони луѓе се разболуваат и 420 000 умираат секоја година како последица на небезбедна храна. Еден од десет луѓе ширум светот се разболуваат од контаминирана храна секоја година, а повеќе од 200 болести се предизвикани од консумирање небезбедна храна која е контаминирана со бактерии, вируси, паразити или хемиски супстанции како што се тешките метали. Децата помлади од 5 години кои сочинуваат 9 проценти од популацијата, се носители на 40 проценти од болестите кои се пренесуваат преку храна и се под голема закана од неухранетост и смртност од небезбедна храна.
Ваквите бројки, заклучи тој, може да се спречат доколку безбедноста на храната е приоритет по синџирот на исхрана секаде во светот. Безбедноста на храната е колективна одговорност,но, сепак има исклучителни ситуации каде што дури и ако сите сме ја одиграле нашата улога во однос на безбедноста на храната, можни се инциденти.