Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со реализација на вториот циклус обуки за обновување и стекнување на нови знаења од областа на безбедноста на храната во градинките за превенирање на можни инциденти поврзани со храната, со единствена цел - заштита и унапредување на здравјето на децата во предучилишните установи. Со обуките кои се одржаа во градинките во Струмица, Кочани и во Штип, опфатени беа околу 120 лица кои учествуваат во подготвување на тендерите за храна, прием, подготовка и послужување на храна.
Во април планирано е одржување на 2 работилници во Североисточниот и Пелагонискиот регион.
Со обуките, акцентот е ставен на правилната примена на HACCP принципите за безбедност на храна, како и барањата за безбедност кои треба да бидат исполнети, а кои треба да бидат опфатени при подготовката на тендерската документација за набавка на храна за кујните во градинките.
Храната за децата во предучилишните установи, беше истакнато на работилниците, треба да обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на децата кои во оваа фаза од растот и развојот се најчувствителни на физички, микробиолошки и хемиските опасности.
При подготовка на храната и при нејзината манипулација мора да се води сметка да бидат запазени највисоките критериум за безбедност и квалитет, односно да се следат нормите на принципите на добра хигиенска и добра производствена пракса. Затоа, заклучено беше на обуките, од исклучително голема важност е сите алки во синџирот на безбедна храна, започнувајќи од подготовката на тендерската документација да бидат подготвени и усогласени со одредбите од законските и подзаконските акти кои се однесуваат на безбедноста на храната.