Од 2020 година, државите од Југоисточна Европа да престанат со вакцинација против болеста јазлеста кожа, со исклучок на оние кај кои постои непосреден ризик од нејзино пренесување од соседните земји со кои граничат, а каде е потврдено нејзиното присуство.
Почнувајќи од идната година овие земји, најмалку во наредните две години да спроведат пасивен и активен надзор преку вршење на клинички испитувања, земање на мостри и вршење на лабораториски тестирања. Ова се препораките од Деветтиот состанок на Постојаната експертска работна група на југоисточна Европа за болеста чвореста кожа, која под покровителство на Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекугранични болести кај животните (GF-TADs) се одржа на 16 и 17 октомври во Атина, Република Грција.
На состанокот, предводени од директорот Зоран Атанасов, учествуваа и претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кои пред високите претставници од Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ, Европската унија, Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА и членките на Постојаната експертска група ја презентираа актуелната состојба со болеста во земјава и мерките кои беа преземени во изминатите години за нејзино сузбивање и ставање под контрола.
На состанокот разгледана беше и состојбата со болеста беснило, за која исто така беше донесена препорака од 2020 година, во земјите од ЈИЕ да се престане со вакцинација на лисиците и како што беше потенцирано, секоја земја задолжително ќе мора да воспостави пасивен и активен надзор на болеста.
Дел од деветтиот состанок на Постојаната експертска работна група на Југоисточна Европа за болеста чвореста кожа, покрај Република Северна Македонија беа и претставници од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Русија, Србија, Словенија, Република, Турција, Ерменија, Украина, Израел и Молдавија. Пред членките на Постојаната експертска група на состанокот, презентирана беше состојбата со болеста во Европа и Централна Азија, а се дискутираше и за проектите кои ги спроведува Светската организација за земјоделство и храна – ФАО.