Одржан е четвртиот состанок на Ад-хок експертската група за електронска размена на податоци во СПС.
Проширување на трговијата со стоки и услуги, зголемување на инвестициите преку воспоставување на фер, стабилни и предвидливи правила,елиминирање на бариерите за трговија меѓу членките и обезбедување на соодветна заштита на правата од интелектуална сопственост во согласност со меѓународните стандарди, хармонизирајќи ги меѓународните трговски стандарди се основите на ЦЕФТА договорот. И покрај успешното негово спроведување, кој вклучува нула тарифа за трговија низ целиот регион, трговијата во регионот на ЦЕФТА сè уште ја оптоваруваат голем број нетарифни бариери како што се прeкумерни и непотребни трговски процедури, преклопување на задолжителните документи и барања за доставување податоци за компаниите, но и големиот број физички прегледи на границите. Ова ја прави трговијата во регионот долготрајна, сложена и скапа. Поради ова, голема број од компаниите немаат можност за проширување преку трговијата.
Ова, во својство на годинешен претседавач со Поткомитетот за земјоделство во рамки на ЦЕФТА, го истакна директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, на отворањето на четвртиот состанок на ад хок експертската група за електронска размена на податоци во областа на земјоделството, санитарните и фитосанитарните мерки.
Електронската размена на податоци во СПС е важна мерка за олеснување на трговијата и намалување на трошоците и времето за извршување на трансакцијата. Информациите дадени во сертификатите им помагаат на агенциите со управување со ризикот, обработка пред пристигнување на пратките, планирање на инспекцијата и собирањето на податоци.
Целта на денешната работилница е дополнително да се дискутира за примената на TRACES NT системот во контекст на Дополнителниот протокол 5, како алатка за олеснување на трговијата. Во врска со усогласувањето на ветеринарното здравствениот сертификат, би сакал да ја искористам оваа можност да изразам благодарност до сите вклучени страни во процесот за успешната досегашна работа и за неодамнешното заокружување на процесот
– истакна Атанасов.
Мораме да продолжиме со работа на ист начин и во наредниот период, рече тој и додаде дека постојат две опции во таа насока. Првата е сите вклучени страни во ЦЕФТА да користат еден модел на сертификат за ветеринарно здравје - предлогот е тоа да биде моделот на ЕУ за даден вид на производ. Другата опција е сертификатите да се усогласуваат на билатерална основа меѓу надлежните органи на вклучените страни.
Уверен сум дека резултатите од денешната работилница ќе бидат корисни за натамошен развој на системот TRACES NT и за продлабочување и зајакнување на прекуграничната соработка меѓу членовите на ЦЕФТА.
– заклучи Атанасов.