Европската комисија (EK), како и за 2017 година, и во овој извештај, оценувајќи ги завршените активности на Агенцијата за храна и ветеринарство за 2018 и првата половита на 2019 година, даде одлична оценка за постигнатиот напредок во евро - интеграциските процеси за Поглавјето 12 - Безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика. Со ваквата проценка на Комисијата, Агенцијата за храна и ветеринарство се вброи меѓу петте институции во државава кои добија највисока оцена.
Комисијата го потврди доброто ниво на усогласеност на националните политики од областа на безбедноста на храната и благосостојбата на животните. Добар прогрес според ЕК е направен на полето на идентификација и регистрација на животните и контролата на болестите кај животните и растенијата.
Комисијата во Извештајот за напредокот позитивно ја оценува направената измена на Законот за безбедност на храната и неговата усогласеност со европските регулативи во делот на вршењето на официјалните контроли. Националниот совет за безбедност на храна и храна за животни се вели во Извештајот, обезбедува научна и техничка поддршка за потребите на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Комисијата позитивно ги оценува и воспоставувањето на Националниот систем за брзо предупредување за небезбедна храна и храна за животни, оперативните системи за внатрешна контрола и за обуки, како и усогласеноста на работењето на Агенцијата со стандардите за управување со квалитет ISO 9001: 2015. Со поддршка на Европската унија, нотира Комисијата во Извештајот, на границата со Косово изградени се нови објекти за вршење на ветеринарни и фитосанитарни инспекциски контроли. Воведен е и системот за контрола и следење на измамите со храна. Агенцијата редовно испраќа извештаи до Европската агенција за безбедност на храна - ЕФСА и учествува во работата на нивните научни мрежи.
Законодавство од областа на ветеринарството со кое се контролира внатрешниот пазар и системот за некомерцијално движење на домашни миленици, како што се истакнува во Извештајот е усогласено со европското, а Агенцијата редовно ги спроведува заштитни мерки при увоз и извоз на живи животни производи од животинско потекло.
Подобрен е системот за идентификација и регистрација на свињи и преземени се активности за воспоставување и подобрување на биосигурносните мерки на свињарските фарми. Напредок има, се вели во Извештајот и во поглед на контролата на болестите кај животните. Редовно се спроведува вакцинацијата на лисиците против болестите Беснило и против Јазлеста кожа, а воспоставен е и системот за регистрација и микрочипирање на домашните миленици.
Започнато е со спроведување на Програмата за антимикробна отпорност.
Од страна на Агенцијата донесен е План за контрола на остатоци од пестициди, контаминенти и микробиолошки опасности и за испитување на физичките карактеристики и хемиските состојки на храната од неживотинско потело и на увозните материјали кои доаѓаат во контакт со храната.
Усвоена е и Националната стратегија и акцискиот план за заштита и благосостојба на животните, но, се истакнува во Извештајот, се уште е потребно подобрување во делот на зоотехничките прашања.
Агенцијата продолжува со спроведување на програмата за категоризација на фарми за молзни грла на говеда и нивно усогласување со хигиенските барања. Законодавството за нус производите е усогласено со европското, но, се уште не е воспоставен системот за нивно собирање и третирање. Напредок според Извештајот е постигнат и во областа на додатоците за исхрана и за збогатената храна за кои се направени и одреди законски измени. Законодавството за обележување на храната, за адитивите, храната за посебна намена, за брзозамрзнатите производи, како и за храната третирана со јонизирачко зрачење и за минералните води е усогласено со европското, иако контролите според ЕК, секогаш не се вршат согласно европските стандарди.
Имајќи предвид дека полноправното членство во Европската унија е еден од клучните приоритети на Република Северна Македонија, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со преземање на мерки и спроведување на политики за унапредување на безбедноста на храната и ветеринарната политика, за надградба и одржување на воспоставените системи за институционална надградба, согласно насоките и барањата на Унијaта.