Агенцијата за храна и ветеринарство ги засили мерките за надзор и контрола на болеста Африканска свинска чума, по добиената потврда на 31 август годинава, дека оваа болест е присутна во селото Тутраканци во реонот на Варна, во соседна Бугарија. Агенцијата донесе решение за забрана за увоз увоз и транзит на свињи, производи и нус производи од свинско месо од регионот во Бугарија каде е потврдено присуство на болеста, со цел заштита од внесување на вирусот на Африканска свинска чума во нашата земја.
Покарај засилениот надзор и контрола на граничните премини кои го спроведуваат официјалните ветеринари, Агенцијата ја информира и Царинската управа на Република Северна Македонија за воведување на дополнителни, засилени контроли, особено на личниот багаж на патниците (внесување на храна од животинско потекло - месо и производи од месо), преку кои може да се внесе болеста. Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните, апелираме до граѓаните кои патуваат во Република Бугарија, при враќање во земјава, во личниот багаж да не носат храна од животинско потекло. Напоменуваме дека храната ќе им биде одземена од страна на надлежните државни органи на граничните премини.
За едукација на комерцијалните одгледувачи на свињи и за фармерите за важноста од воведувањето на биосигурносните мерки на фармите, заради намалување на ризикот од внесување и ширење на болестите кај свињите, Агенцијата за храна и ветеринарство подготви и испечати Прирачник за воведување на биосигурносни мерки на одгледувалиштата на свињи. Прирачникот ќе биде дистрибуиран до сите регистрирани одгледувачи на овој вид добиток, а истиот може да се преземе и од интернет страната на Агенцијата за храна и ветеринарство.
До одгледувачите во селските домаќинства, особено до оние фармери кои свињите ги пуштаат на паша, апелираме, животните да ги држат затворени, во соодветни објекти, со цел намалување на ризикот истите да дојдат во контакт со дивите свињи кои може да ја пренесат оваа болест.
Ловџиите до официјалните ветеринари или до најблиското ветеринарно друштво да го пријават секое угинување на диви кое ќе го забележат при ловењето. Ветеринарните друштва се задолжени да при вршење на секојдневните активности на терен да ја следат здравствената состојба на свињите и до официјалните ветеринари да го пријават секој сомнеж на појава на оваа болест.
Африканската свинска чума не е болест која е опасна за луѓето, но, е високо заразна вирусна болест кај дивите и домашните свињи, која експлозивно брзо се шири и предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството. Африканската чума кај свињите е болест која не се лекува, односно за неа не постои вакцина.
Освен во соседна Бугарија во регионот на Варна, болеста е присутна и во Естонија, Латвија, Летонија, Белорусија, Украина, Полска. Во текот на 2017 година жаришта на болеста беа потврдени во Молдавија, Романија и Република Чешка, а во Април 2018 година за прв пат болеста се појави во Република Унгарија. Болеста е ендемски присутна во Италија на островот Сардинија.