Утре завршува реализацијата на есенската кампања на Агенцијата за храна и ветеринарство за орална вакцинација на лисците против беснило. Акцијата почна на 11 октомври од спортските аеродроми во Скопје и Штип. Во оваа кампања, заклучно со петок, авионски ќе бидат фрлени 500 илјади вакцинални мамки на целата територија на Република Северна Македонија, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови. Тринаесеттата вакцинација на лисиците против беснило Агенцијата ја реализира со финансиска поддршка од Европската унија.
Согласно упатството на производителот, вакцината" Lysvulpen SAD Bern", Биовета Република Чешка која се дистрибуира за вакцинација на лисиците против оваа болест содржи атенуиран вирус на беснило и е наменета исклучиво за имунизација на лисици, односно со неа не смее да се врши имунизирање на домашните животни.
Миризбата од мамката може да ги привлече домашните миленици и тие да ја конзумираат мамката, но, таа не е опасна за нивното здравје. Оваа вакцинална мамка е наменета исклучиво за лисиците. Сепак, до сопствениците на домашните миленици апелираме во периодот на текот на кампањата како и во период од две недели по фрлањето на вакциналните мамки, да не се дозволи слободното движење на кучиња и мачки во регионите каде се врши или е извршена вакцинацијата.
Агенцијата апелира до граѓаните да внимаваат при движење во природа и доколку најдат мамка никако да не ја допираат. Мамките се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките е сместена пластична капсула во која се наоѓа течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило како и биолошки маркер – тетрациклин кој се користи за утврдување на успешноста на вакцинацијата.
Како одговорна институција апелираме мамката да не се допира, но, доколку сепак граѓаните дојдат во контакт со неа, таа треба внимателно да се отстрани и остави во помалку населена област, каде ќе биде неможно истата да дојде во контакт со деца.
Ако се случи граѓаните да дојдат во контакт со течната содржина од капсулата, неопходно е рацете да се измијат со голема количина сапун и вода, во траење од најмалку пет минути и задолжително веднаш да појдат на лекар. Мамката внимателно треба да се земе со ракавица или кеса и да се понесе со себе.
Детално упатство за постапка доколку дојдете во контакт со вакцинална мамка може да го преземете ТУКА
По реализација на вакциналната кампања против беснило, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе пост-вакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација.
Ги потсетуваме сопствениците на домашни миленици кучиња и мачки дека имаат законска обврска да ги вакцинираат животните против беснило, болест која во Република Северна Македонија за последен пат е регистрирана во 2012 година.