Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Во црниот дроб на дивечот утврдени големи концентрации на кадмиум, олово и жива

16.03.2018
 Во црниот дроб на дивечот утврдени големи концентрации на кадмиум, олово и жива

Да не се јаде црниот дроб од дивечот зашто може да содржи поголема количина тешки метали од дозволената, апелира денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов. На прес-конференција Атанасов информира и дека две ловни друштва пријавиле појава на трихинелоза кај дивечот, а се следат и бруцелозата, птичјиот гирп, африканската и класичната свинска чума, како и беснилото кај лисиците. Веќе се дадени препораки, како да се постапува во случаите со трихинелоза.
– Во црниот дроб на дивечот, посебно кај дивата свиња, дивите птици и зајакот, утврдени се поголеми количини олово, кадмиум и жива поради што се препорачува овој орган да не се консумира. Особено ова важи за ловџиите кај кои, традиционално, по ловот, најпрво се јаде црниот дроб како вид гоштевање, нивно и на семејството - истакна Атанасов.

Најголеми отстапувања во присуството на тешки метали во црниот дроб има кај дивечот во реоните на Гевгелија, Велес, Куманово, Прилеп и Струга, додека само лани, во четири случаи се утврдени повеќе тешки метали и во мускулното ткиво.

Се претпоставува дека присуството на тешки метали доаѓа од почвата.
Трихинелозата, објасни Атанасов, е паразитарно заболување кое може да се пренесе од животните на луѓето. За да се заштити населението, не треба да јаде такво месо. Сепак, термичката обработка на високи температури е еден вид заштита. Препораките се, заловениот дивич да се однесе на испитување.

– Онаму каде што утврдивме присуство на трихинела, кај четири случаи, труповите термички ги обработивме и ги уништивме со закопување во земја. Тоа е најбезбедниот начин. Воопшто не се пуштени во промет – подвлече Атанасов.
Одговорајќи на новинарско прашање, Атанасов рече дека во Македонија нема од белгиското месо за кое се претпоставува дека е старо над 12 години.

– Пристигнати се количини месо од Белгија, но не и од компанијата што е во РАСАФ системот на ЕУ, истакна директорот.
Контролите на српското брашно редовно се вршат и оваа година, во изминативе два и пол месеца не се детектирани никакви отстапувања во однос на безбедноста, рече тој одговарајќи на новинарско прашање. Лани, како што наведе тој, Македонија врати 75 тони брашно во Србија, но не поради небезбедност, туку поради несоодветно означување.
Во врска со вчерашната прва седница на Мешовитиот комитет меѓу Македонија и Србија што се одржа во Белград и на која, меѓу другото, требаше да стане збор за маркичките на брашното, Атанасов информира дека е разговарано за надминување на досегашните вештачки бариери кои ја отежнуваа размената.

- Направен е напредок во разговорите со Србија во делот на признавањето на одредени лабораториски анализи што досега беше проблем, истакна директорот.
На прашањето како ги оценува ГМО - анализите што ги прави Србија на македонскиот ориз, Атанасов рече дека тоа се вид вештачки, скриени бариери кои само го отежнуваат процесот на извоз, а токму за тоа се разговара, за нивно натамошно отстранување.

Неофицијална изјава, базирана на неофицијални податоци, вака директорот Атанасов ја нарече вчерашната информација што ја сподели универзитетската професорка Јадранка Дабовиќ, дека во чоколадите за деца на македонскиот пазар нема млеко и какао.

- Не сакам да коментирам неофицијални изјави, базирани на неофицијални податоци. Според Законот, ако имало отстапувања кај производите, лабораториите се должни во рок од 24 часа да ја известат Агенцијата за храна и ветеринарство, ние такви известувања немаме добиено. Тоа е официјалниот став, потенцира тој.
Производите се испитуваат и според проценките на ризик, нагласи, такви отстапувања нема.

Категорија