Делегација на Република Северна Македонија, предводена од директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство д-р Зоран Атанасов и г-дин Бојан Маричиќ, посебен советник за евроатлански интеграции во кабинетот на Премиерот Зоран Заев, во својство на заменик шеф на делегацијата и технички преговарач во пристапните преговори со Европската унија, од 18 до 22 Февруари 2019 година во Брисел, со високи претставници на Европската Комисија од областа на безбедноста на храна, ветеринарна политика и фитосанитарни прашања, учествуваше на експланаторниот (објаснувачки) скрининг.
Скринингот е дел од процесот за започнување на пристапните преговори на нашата држава со Европската унија и на него учество зедоа и претставници од надлежните институции од Поглавјето 12 - Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика - Агенција за храна и ветеринарство, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државен инспекторат за земјоделство, Фитосанитарна Управа и Управа за семе и саден материјал.
На состанокот разгледани беа сите релeвaнтни акти од Поглавје 12, во кое е групирано целокупното европско законодавство во областа на безбедноста на храна и ветеринарната политика (Acquis Communautaire). По официјалното добивање на датум за започнување на преговори на Република Северна Македонија со ЕУ од страна на Советот на Унијата, ќе се одржат билатерални состаноци, на кои претставниците од надлежните институции на Поглавјето 12, ќе дадат увид во статусот и тековната состојба на усогласеноста на националното со законодавството на ЕУ, капацитетите на институциите за спроведување на европското законодавство во различни области, односно за подрачјата од Поглавјето 12.