Болеста Син јазик е неконтагиозно вирусно заболување кај домашните и дивите преживари (претежно се јавува кај овците но заболуваат и говедата, козите, бафалата, антилопите, елените, срните и камилите) кое се пренесува преку инсекти (комарци) од видот Culicoides. Вирусот кој што ја предизвикува болеста припаѓа на фамилијата Reoviridae.
Постојат 24 различни серотипови на вирусот со различна вирулентност (способност да предизвикаат заболување). Болеста различно се манифестира кај различни видови животни, во најтешка форма се јавува кај овците кај кои што предизвикува намалување на телесната тежина, нарушување во растот на волната и смрт. Кај високо приемчиви овци морбидитетот може да изнесува до 100%. Морталитетот варира од 2-30% но може да достигне и до 70%.
Кај говедата се забележува повисока стапка на инфекција отколку кај овците додека клиничката слика зависи од сојот на вирусот. Вирусот на син јазик кој во овој период циркулира во Северна Европа е епидемиолошки значаен бидејќи доведува до појава на клиничка слика кај говедата.
Во ендемските подрачја/земји болеста нанесува големи економски штети заради забраната за трговија како и трошоците за имплементација на програмите за надзор, дијагностичките испитувања и вакцинацијата. Болеста Син јазик е на листата на Светска организација за здравје на животните ( ОИЕ) на болести кои подлежат на задолжително пријавување.
Болеста е присутна во подрачја каде што се присутни векторите од родот Culicoides вклучувајќи ја Африка, Азија, Австралија, Европа, Северна Америка, како и одредени тропски и суптропски острови. Вирусот се одржува во оние подрачја каде што постојат поволни климатски услови за преживување на векторите во текот на зимата. Родот Culicoides опфаќа повеќе од 1000 видови но само 20 играат улога на вектори на вирусот на Син јазик. Географската дистрибуција на векторите ја ограничува распространетоста на болеста.
Овците кои што живеат во ендемски подрачја се отпорни на вирусот на син јазик. Болеста се јавува кога приемчиви животни ќе се внесат во ендемски подрачја или кога вирусот преку векторите ќе се пренесе на слободно подрачје. Појавата на болеста е поврзана со активноста на векторите,најчеста е во летниот период/период на високи температури и врнежи.
Единствен начин на пренесување на болеста е преку вектори. Векторите се заразуваат со вирусот по цицање крв од инфицирано животно. Болеста не се пренесува од животно на животно. Вирусот се пренесува во периодот на активност на векторите особено во влажните/дождливи периоди од годината. Инфицираните говеда имаат значителна улога во одржувањето на вирусот во одредено подрачје бидејќи клиничката манифестација на болеста е блага или воопшто не се манифестира а говедата се привлечен домаќин за векторите.
Бидејќи вирусот е присутен во семето од инфицирани бикови и овни постои можност тој да се пренесе при осеменување, но овој начин на пренесување на вирусот на Син јазик е незначителен.
Исто така постои можност вирусот да се пренесе и преку плацентата од мајката на плодот. Вирусот не се пренесува преку контакт меѓу животните ниту пак преку консумација на млеко.
Решенија:
- Решение со бр.02-2823/7 од 17.12.2024 година за престанување на наредените заштитни и контролони мерки во однос на болеста син јазик кај говеда,овци и кози
- Решение со бр.02-2826/6 од 20.11.2024 година за заштитни мерки во однос на болеста син јазик кај говеда, овци и кози
- Решение со бр.02-2823/5 од 07.11.2024 година за заштитни мерки во однос на болеста син јазик кај говеда, овци и кози
- Решение со бр.02-2823/3 од 04.11.2024 година за заштитни мерки во однос на болеста син јазик кај говеда, овци и кози
- Решение со бр.02-2823/2 од 29.10.2024 година за заштитни мерки во однос на болеста син јазик кај говеда, овци и кози