Воспоставување на соработка на полето на безбедноста на храната, здравствената заштита и благосостојбата на животните меѓу македонските и операторите со храна од Република Ирска, во насока на позиционирање на идната економска соработка за која постои интерес да се воспостави и интензивира од страна на двете земји. Ова беше главна тема на разговор на денешниот работен состанок кој директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов го одржа со Дерен Фили, амбасадор на Република Ирска во Република Северна Македонија. Како што беше истакнато на средбата, за да се воспостават економските односи меѓу двете земји и да стартува увозот и извозот, неминовно ќе биде прво да се усогласат сертификатите.
Директорот Атанасов го запозна амбасадорот Фили за надлежностите и тековните активности кои ги презема Агенцијата за храна и ветеринарство во областа на безбедноста на храната, здравствената заштита и благосостојбата на животните. Заеднички беше разгледана оценката која неодамна ја даде Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија во евроинтеграциските процеси, особено во поглавјето 12 - Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, за кое Европската унија евидентира напредок. Во однос на нотираните забелешки во Извештајот, директорот Атанасов го информира амбасадорот Фили дека Агенцијата во моментов активно работи на надминување на дел од нив, особено на оние кои се однесуваат на решавање на проблемот со собирање и тртетман на нус производите од животинско потекло, подигањето на нивото на биосигурноста на фармите, контролата на вектор преносливите болести. Разменети беа и информации за тековните активности за подобрување на хигиената на краварските фарми, нивната категоризација, како и за новините кои се содржани во првата стратегијата за благосостојба на животните.