Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Промовирани резултатите од твининг проектот за зајакнување на контролните системи за заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата

04.07.2018
Промовирани резултатите од твининг проектот за зајакнување на контролните системи за заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата

Зајакнување на пазарната економија и конкурентноста на македонските производи на европскиот пазар, но и гарантирање на заштитата на правата на потрошувачите преку обезбедување на високи стандарди за безбедност на храната, се дел од придобивките постигнати со реализација на активностите од проектот “Понатамошно развивање на контролните системи на надлежните институции за заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата”, чија реализација беше промовирана денес. Заедничка констатација на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, на директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, на НЕ Карло Ромео, амбасадор на Република Италија во Република Северна Македонија и на г – дин Никола Бертолини, шеф за соработка во Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија е дека во рамки на овој проект се разменија и се пренесоа знаења и добри практики во однос на законодавството и политиките на Европската унија во областите здравствена заштита и благосостојба на животните, во ветеринарното јавно здравство и во фитосанитарната политика.
Проектот е вреден 751.473 евра, финансиска поддршка од Европската унија во рамки на ИПА 2012 и се реализира во времетраење од 18 месеци. Носител на проектот е Агенцијата за храна и ветеринарство и истиот се реализира во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фитосанитарна управа и Управата за семе и саден материјал, Државниот инспекторат за земјоделство и Државната фитосанитарна лабораторија и институциите партнери на Република Италија, министерствата за здравство и за земјоделство и Институтот за зоопрофолактика на регионот Умбрија и Марке.
-Денеска Република Северна Македонија се наоѓа пред нови предизвици за промени и реформи. Владата на Република Северна Македонија интензивно работи на забрзување на евро - интегративните процеси, а уште поголема обврска е и претстојниот скрининг процес на земјата како историски значаен момент. Во таа насока Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство посветено работи на исполнување на сите предуслови за успешен почеток на преговорите со Европската унија. Посебен акцент е ставен на имплементирање на обврските кои произлегуваат од усогласувањето на законските акти во областите земјоделството и руралниот сектор, како и во областите на безбедноста на храна, ветеринарството и фитосанитарната политика. Нашите политики се насочени кон зајакнување на институциите и почитување на основните стандарди за спроведување на законската регулатива. Обезбедувањето на безбедна и квалитетна храна, е наша стратешка цел – истакна во обраќањето министерот Николовски.
Ветеринарството, безбедноста на храна и заштита на растенијата, додаде тој, се комплексни сектори, пред се во насока на осигурување на заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата, а секако и кон исполнување на европските стандарди, за поголема присутност на македонски земјоделски производи на европските и меѓународните пазари.
-Реализираните задачи во овој проект е достигнување и на македонските и италијанските партнери и ценам дека се постигнати целите на проектот, односно зајакнување на капацитетите на надлежните служби од областа на безбедноста на храна и ветеринарната и фитосанитарната политика за спроведување на законската регулатива и исполнување на барањата на Европската унија – рече Николовски.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, објасни дека преку реализацијата на активностите од овој проект во областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните подготвен е предлог за усвојување на Регулативата 2016/429, изработена е првата Стратегија за благосостојба на животните, подобрен е системот за контрола на болестите кај животните, со акцент на Синиот јазик, Инфективна анемија кај коњите и болеста Чвореста кожа, како и на болестите кои се пренесуваат преку вектори (Западно нилска треска и Лајшманиоза).
-Направена е ревизија на акцискиот план за бруцелоза, верификувани се процедурите за имплементација на биосигурносните мерки на свињарските фарми, а подготвени се и планови за следење и надзор на паразитските болести (ехинококоза и токсоплазмоза). Извршена е ревизија на постоечкото законодавство од областа на ветеринарното јавно здравство, програмите за мониторинг, процедурите за земање мостри и спроведувањето на службените контроли. Подобрен е системот за контрола на храната за животни и ветеринарно- медицинските препарати и процедурите за проценка на антимикробната отпорност – истакна тој.
Во областа на фитосанитарната политика, беше истакнато на промоцијата, постигнат е значителен напредок во унапредување на одржливата употреба на пестицидите, подготвен е Водич и мапа за имплементирање на националниот акциски план. Дефинирани се условите за развој на фитосанитарниот информативен систем, системот за издавање на пасоши за растенијата и акциски план за негова имплементација во областа на шумарството и семенскиот и садниот материјал.
-Со спроведувањето на проектот, се обезбеди квалитатитвно зајакнување на административниот капацитет на секоја институција корисник поединечно. Некои од реализираните резултати претставуваат мотив за понатамошно вложување на напори кои ќе придонесат кон унапредување на македонските состојби со актуелните трендови во политиките на ЕУ за современо водење и управување на службите за безбедност на храната, ветеринарната и фитосанитараната политика, истакна директорот Атанасов во обраќањето.
г – дин Никола Бертолини, шеф за соработка во Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија истакна декла особен напредок е постигнат во фитосанитарната политика, но, додаде тој, преостанува уште многу работа во делот на безбедноста на храната, активности кои мора да продолжат и по завршувањето на проектот.

Ознаки
Категорија