Агенцијата за храна и ветеринарство е домаќин на првата работилница “Обука за обучувачи за заштита и благосостојба на животните при колење” во организација на Светската организација за здравствена заштита на животните-ОИЕ. Учесници на обуката се по двајца преставници од Агенцијата за храна и ветеринарство и од релевантните институции од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово. Предавачи на обуката се реномирани експерти од областа на благосостојбата на животните, ангажирани од страна на преставништвото на ОИЕ во Брисел.
Процесот на обука според планираното ќе се одвива во 3 сесии од кои првата во наредниве четири дена ќе се реализира во нашата земја. Втората ќе се одржи во соседна Албанија, а третиот циклус ќе се реализира во Босна и Херцеговина. По завршување на целиот циклус обуки, учесниците ќе бидат обучени да бидат обучувачи, а релевантните институции кои се вклучни во реализацијата на овој проект за обука на обучувачи, секој во својата земја, ќе спроведе систем на обуки наменети за официјалните ветеринари и за релевантните лица од кланиците кои се задолжени да ја запазат благосостојбата на животните при колење.
Во рамки на обуката која во наредниве четири дена ќе се реализира во Република Северна Македонија, покрај теоретско учење ќе се спроведе и теренска настава и непосредна практична обука во кланица.
По спроведувањето на обуката, Република Северна Македонија и регионот, ќе имаат можност соработката на ова поле да ја реализираат со експерти од областа на благосостојбата на животните при колење. На ваков начин ќе се олесни имплементацијата на националната легислатива од оваа област, која е целосно усогласена со легислативата на Европската Унија, при што со правилна имплементација на законите и едукацијата на персоналот кој работи во кланиците очекувано ќе се подобри и унапреди и благосостојбата кај животните.