Што е акриламид, како настанува во храната, каква е европската регулатива за воспоставување мерки и која е референтната точка за ублажување на неговото присуството во храната, во кој вид храна најчесто се сретнува, дали постои и која е толерантната доза, што говорат податоците од Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни на Европската унија? Ова се дел од прашањата на кои се дискутираше денес, на третиот состанок на Националниот совет за безбедност на храна и храна за животни, кој го организираше Агенцијата за храна и ветеринарство.
-Агенцијата за храна и ветеринарство подготви Правилник за воспоставување на мерки за ублажување на последиците и нивоа на референтни вредности за намалување на присуството на акриламид во храната, со кој ќе се уреди оваа материја. Правилникот треба наскоро да биде донесен. Креиран е согласно европската регулатива и научните искуства за ризиците кои ги носи акриламидот, а кои ги споделува и Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА – рече на состанокот директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов во својство на претседател и претседавач со Националниот совет.
Согласно релевантните научни сознанија, акриламидот е соединение кое се создава во храната кога се пече или пржи на високи температури и може да има штетно влијание врз здравјето на луѓето. Затоа, како што истакна директорот Атанасов, Агенцијата за храна и ветеринарство во рамки на мониторинг програмите ќе воведе земање и на мостри за лабораториско испитување за утврдување на присуството и количеството на акриламид во храната и од домашното производство, бидејќи, станува збор за соединение кое е го има во голем број производи, особено во оние кои ги консумираат децата, како што се чипсови, крекери, вафли и слични производи кои, во поголеми количини можат во да бидат штетни за нивното здравје.
Лидија Дамевска, раководител на Секторот за проценка и комуникација на ризик при Агенцијата ги информираше членовите на Советот дека ЕФСА ги следи нивоата на акриламид во храната и на секои три години прави евалуација на резултатите. Според податоците од Системот за брзо известување за безбедноста на храната и храната за животни на Европската унија, во 2014 и 2015 година не се евидентирани нотификации за производи во кои се најдени поголеми количини на акриламид од востановената долна граница, за разлика од 2016 кога е нотирана една небезбедна пратка по потекло од Хрватска.
Во 2017 година РАССФ системот нотифицирал 21 небезбедна пратка, од кои 15 од Србија, 5 од Босна и Херцеговина и 1 од Република Северна Македонија. Во 2018 година поради зголемено присуство на акриламид, како небезбедни нотифицирани биле 3 пратки – по една од Холандија, Србија и од Босна и Херцеговина.
На состанокот, заклучено беше членките на Советот до Агенцијата да достават листа на стручни лица од факултетите, научно истражувачките институции и други научни и образовни институции од чии редови, врз основа на дефинирани критериуми, преку отворен повик ќе се изберат и претставници во десетте научни панели кои ги организира Советот. Прашањата на кои ќе се дискутира во рамки на панелите се однесуваат на прашања од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните, биолошките опасности, контаминентите во синџирот на исхраната, за диететските производи, исхраната и алергиите, за адитивите и хранливите состојки додадени во храната. Проценка на ризик и подготовка на извештаи за одредени прашања од делокруг на работа на Советот ќе се врши и преку панелите за средства за заштита на растенијата и нивни резидуи, за здравје на растенијата, за адитиви и производи или супстанции употребени во храната за животни, како и преку панелите за материјали во контакт со храната, ензими, подобрувачи на вкус и технолошки помагала, вклучително и панелот за генетски модифицирани организми.
За креирање на националната мрежа за размена и дистрибуирање на податоци и информации со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, на состанокот беше заклучено до Агенцијата за храна и ветеринарство, која е контакт точка на ЕФСА, да се испрати листа на лица со кои официјално ќе се воспостави комуникацијата.