Во насока на подобрување на услугите кои ги даваат ветеринарните друштва на одгледувачите на добиток и домашни миленици и обезбедување на адекватна здравствена заштита на животните согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните за 2018 година, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, на иницијатива на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, во петокот одржа работен состанок со претставници на ветеринарните друштва од земјава.
-Со Годишната наредба за здравствена заштита на животните воведуваме неколку нови активности. Годинава заедно со вас ќе извршиме идентификација и попис на одгледувалиштата на копитари, активност која досега не беше спроведена. За прв пат со Годишната наредба предвидено е и спроведување на мерки за заштита на говедата, овците и козите од надворешни и внатрешни паразити, односно нивно прочистување – рече директорот Атанасов на состанокот.
За спроведување на овие активности Ветеринарната комора предложи ценовник кој Агенцијата ќе го разгледа и за кој наскоро ќе се произнесе.
Како што беше објаснето, обезбедени се финансиски средства за набавка на 100 илјади бесплатни микрочипови за домашните миленици кои ветеринарните друштва бесплатно ќе ги аплицираат на одгледувачите на кучиња, активност која како новина исто така ќе се реализира согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните. Наскоро ќе почне реализирањето на активностите за внесување на географски координати во Ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство на сите одгледувалишта на животни во Република Северна Македонија. За реализирање на оваа активност која треба да ја спроведат ветеринарните друштва, презентирана беше мобилна апликација за собирање на географски координати.
Агенцијата за храна и ветеринарство, заклучи директорот Атанасов, направи и успеа да ги исчисти долговите кои Агенцијата ги имаше кон ветеринарните друштва, а кои беа акумулирани со години.