Хроничните болести поврзани со исхраната, како што се кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2, дебелина, црнодробни болести, некои видови на рак и забен кариес, претставуваат голем јавно здравствен проблем. Вишокот на абдоминална маст, проценет со мерење на обемот на половината, независно е поврзан со поголем ризик за метаболен синдром, дијабетес мелитус и кардиоваскуларни болести. Грижата за дебелината вклучува фокусирање на три суштински елементи на модификација на начин на живот: навики во исхраната, физичка активност и модификација на однесувањето.
Заеднички карактеристики на шемите на исхрана поврзани со позитивни здравствени резултати вклучуваат релативно повисок внес на зеленчук, овошје, мешунки, цели зрна, млечни производи со малку или без маснотии, посно месо и живина, морска храна, јаткасти плодови и растителни незаситени масла, а релативно помала потрошувачка на црвено и преработеното месо, храна и пијалоци засладени со шеќер и рафинирани зрна. Моделите на исхрана што се карактеризираат со повисок внес на црвено и преработено месо, храна и пијалоци засладени со шеќер и рафинирани зрна се поврзани со штетни здравствени ефректи. Овие наоди се во согласност со 2015 - Диететските Водичи за исхрана 2015-2020 година.
Фармаколошката терапија се препорачува кај дебели со BMI≥30 kg/m2 или ≥27 kg/m2 доколку постојат придружни коморбидитети со дебелината! Лековите за дебелина генерално се поделени во 2 групи – како апетит супресанти и како медикаменти што инхибираат апсорпција на масти од гастроинтестиналниот тракт.
Баријатриска хирургија (лапораскопско гастрично подврзување, sleeve гастректомија, Roux-en-Y гастричен бајпас, билиопанкреатична диверзија со или без дуоденален switch) се препорачува кај BMI≥40 kg/m2 или ≥37 kg/m2 доколку постојат придружни коморбидитети со дебелината.
Во документот се наведени 10 табели во однос на препорачаниот калориски внес стратифициран по возраст (години), пол и тримодален степен на физичка активност, бременост, диететски препораки по категории на храна за одредени возрасни групи - популации, табели за пресметување на индексот на телесната маса и критериумите за дијагностицирање на метаболен синдром. Дополнително во фармакотерапискиот пристап наведени се и најновите терапии со semaglutide (Ozempic).
Овој документ од научно-информативен карактер што се занимава со диететски и фармакотераписки пристап во третман на дебелината е научно систематизиран, стручно преведен, обработен и адаптиран од страна на Д-р Виктор АРСОВ, дипломиран доктор по медицина, специјалист интернист, експерт за здравствена проценка на ризик поврзана со опасности во храната, нутриција, диететски производи и алергии, помлад соработник за логистика за информации за здравствена проценка на ризик поврзани со опасности во храната, со 18 годишно работно и професионално искуство во Секторот за проценка и комуникација на ризик (СПКР).