Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Одгледувачите на овци и кози да ги засилат мерките за заштита од болеста Чума кај малите преживари

09.08.2024
Одгледувачите на овци и кози да ги засилат мерките за заштита  од болеста Чума кај малите преживари

Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата со болеста Чума кај малите преживари (Peste  des  Pestitis  Ruminants) која е потврдена во регионов. Со цел зачувување на статус земја слободна од болеста, извоз на живи животни, месо од овци и кози и нивни производи во Европската Унија и заштита од  внесување на  вирусот  на болеста на сила се решенијата за забрана на увоз и транзит на живи животни (домашни и диви овци и кози) и производи и нус производи од животинско потекло од регионите каде е потврдена болеста во Република Романија и во Република Грција, кои АХВ ги донесе во јули годинава веднаш по потврдувањето на болеста во посочените региони во овие земји. 

Како одговорна институција и за здравствената заштита на животните, по потврдувањето на болеста и во регионот, АХВ ги извести Ветеринарната комора, ветеринарните друштва, одгледувачите на животни и официјалните ветеринари за нивните обврски во однос на спроведување на активности за рано откривање на болеста чума кај мали преживари. Упатен е апел одгледувачите веднаш да пријават до ветеринарните друштва и официјалните ветеринари доколку забележат појава на симптоми на болеста, дури и кај едно животно,при што ни едно од животните не смее да го напушти одгледувалиштето. Од таму не смее да се изнесуваат животните, производи од животинско потекло, опрема, измет и ѓубре.

Во случај на сомнеж или потврда на болеста ќе се применуваат мерките од Планот за итни мерки и оперативниот прирачник за чума кај малите преживари кои Агенцијата ги подготви и донесе уште во 2018 година. Со Планот и оперативниот прирачник се уредуваат постапките и активностите кои треба да се спроведат и применуваат согласно Законот за ветеринарно здравство и Одлуката за планови за итни мерки кај животните. Со овие документи се овозможува ефикасно и ефективно спроведување на мерките за заштита и контрола на приемчивата популација животни - овци и кози, како и брза проценка за ограничување или отстранување  на ризикот за внес и ширење на вирусот.  

Ветеринарните друштва треба да го зголемат нивото на претпазливост и веднаш да пријават до официјалниот ветеринар доколку забележат некои од симптомите на оваа болест, или угинување на животни од видовите овци и кози. 
Болеста чума кај малите преживари претставува вирусно заболување кај козите и овците, предизвикано од morbilli вирус од фамилијата парамиксовируси и предизвикува големи економски штети. Заразувањето (морбидитетот) на приемчивите животни може да биде  од 90 до 100%, а стапката на смртност (морталитет) се движи помеѓу 50 и 100% и е особено изразен кај подмладокот. 

 

 

Светската организација за здравје на животните (WOAH- OIE) и ФАО болеста ја класифицираат меѓу високо заразните прекугранични болести со сериозни општествено-економски реперкусии. Погодувајќи го ситниот добиток, козите и овците, се гледа како на болест од јавен интерес што го попречува развојот на сточарството на локално и национално ниво и ја загрозува безбедноста на храната и егзистенцијата  на семејставата кои одгледуваат овци и кози.

Луѓето не се приемчиви на вирусот и нема опаснот по нивното здравје. 

Болеста чума кај малите преживари е една од најзаразните болести кај малите преживари која исто така може да ги зафати и некои диви мали преживари. 
Инфекцијата обично се случува преку директен контакт меѓу приемчивите и заразени животни. Во раните фази на инфекцијата, кога животните имаат покачена телесна температура, сите телесни секрети и екскрети се високо контаминирани. Преносот на болеста преку воздух е брз кај соседни стада. 

Излачувањето на вирусот започнува за време на инкубацискиот период, пред појавата на првите клинички знаци и може да трае до над 2 месеци по закрепнувањето. Овие периоди на „тивко“ присуство на вирусот, без видливи клинички знаци, го зголемуваат ризикот од ширење на болеста на други мали преживари, како домашни така и диви. Контаминација е исто така можна преку внесување на заразена храна или вода поради што е потребно спроведување на  засилени биосигурносни мерки на одгледувалиштата за овци и кози и на пасиштата.   

АХВ одржа координативен состанок со експерти од областа на кој се разгледа епидемиолошката состојба во земјава и во регионот. Донесени беа заклучоци за преземање на засилени безбедносни мерки за спречување на внес и ширење на болеста во земјава.

Ознаки
Категорија