Подобрување на комуникацијата и соработката меѓу ветеринарните служби во регионот, а со тоа подобрување на здравствената состојба кај домашните животни што директно влијание врз јавното здравје е целта на Вториот форум на директори на ветеринарните служби од регионот на Западен Балкан, што денеска и утре се одржува во Охрид во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство. Форумот е дел од проектот „Регионална акција на ЕУ за искоренување на болести кај животните во Западен Балкан“, финансиран од Европската унија и на него учествуваат претставници од Генералниот директорат за здравје и безбедност на храната при Европската комисија, Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE), Европската агенција за безбедност на храна (EFSA), како и претставници од Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.
Добро воспоставен и ефективен систем за здравствена заштита на животните е основа за обезбедување на навремени и координирани активности за одговор при појава на болести кај животните и има исклучителна важност за прашањата од областа на здравствената заштита на животните, не само на национално, туку и на регионално ниво.
Во изминатите две години, проектот со чија поддршка го организираме и овој форум, даде силна поддршка на ветеринарните служби во Западен Балкан за зајакнување на институционалните капацитети и за усогласувањето со европските и стандардите на Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE). Клучна е улогата на проектот во идентификувањето и имплементирањето на врвните приоритети на земјите од Западен Балкан на полето на здравствената заштита на животните, поаѓајќи од заедничките потреби за регионална соработка и комуникација, во поглед на превенцијата и контролата на прекуграничните болести кај животните и зоонозите. Досегашната регионална соработка е добра, иако има многу области во кои може и треба да работиме во иднина, рече во обраќањето Николче Бабовски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, во својство на претседавач.
Според него, Форумот ќе овозможи брза размена на информации меѓу ветеринарните служби во регионот.
Болестите не познаваат граници, брзо се шират со тоа што токму ваквите форуми и меморандуми за соработка ќе ни помогнат за подобрување на здравствената состојба и јавното здравје, додаде тој.
Барнард Ван Готем, директор на Генералниот директорат за здравје и безбедност на храната при Европската комисија, во видео обраќањето, ја потврди важноста за Европа, од регионалната соработка на земјите и споделувањето на искуства кога станува збор за сузбивање и искоренување на прекуграничните болести кај животните. Потврда за тоа, според него е Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекуграничните болести на животните (GF-TADs), заедничка иницијатива на Светската организација за земјоделство и храна на Обединетите Нации – ФАО и Светската организација за здравствена заштита на животните (ОIЕ).
Преку оваа иницијатива се зајакнуваат регионалните сојузи во борбата против прекуграничните болести на животните и се воспоставуваат програми за контрола на одредени болести кај животните на регионално ниво, како што е на пример беснилото, истакна Ван Готем.
Сузан Дитан Расмусен посочи дека Европската Комисија го препознава и поддржува Западен Балкан и оти нуди техничка поддршка за промена на легислативата во согласност со европската.
За Жан Перше, претставник на Светската организација за здравствена заштита на животните соработката меѓу земјите е од заеднички интерес кога е во прашање справувањето со прекуграничните болести кај животните. Таа помага во институционалната соработка и комуникација, комуникацијата со сточарите, со потрошувачите и е од интерес во заедничката борба за справување со гладтта.
Директорот на управата за безбедност на храна, ветерина и фитосанитарни прашања на Црна Гора Владимир Џаковиќ смета дека ова вмрежување може многу да им помогне да се изборат со болестите кај животните како африканската свинска чума, птичјиот грип и слично, што има директно влијание и на јавното здравје кај луѓето.
Ваков собир е многу значаен за борба против болестите кај животните, посебно за оние кои се присутни кај нас во регионот како африканска свинска чума, птичји грип.... и директно влијаат врз јавното здравје кај луѓето, рече Џаковиќ
На форумот треба да бидат дефинирани и идните полиња и приоритети за регионална соработка и комуникација, со цел преземање на координирани мерки за превенција, заштита и искоренување на болестите кај животните.