а.Генетски модифицирана храна
Правна рамка за ГМО храната е пропишана со Законот за генетски модифицирани организми и Законот за безбедност на храната каде што во Член 4 став 1 точка 61 е дефинирана ГМО храната и одредбите во член 56 кои се однесуваат на ГМО храната само што овие одредби имаат одложена примена ќе важат по приемот во Европската унија.
Генетски модифицирана храна претставува храна која содржи, е составена, или произведена од генетски модифицирани организми.
ГМО храна не смее да:
- има негативни ефекти врз здравјето на луѓето, животните и животната средина;
- го доведува во заблуда потрошувачот во однос на нејзиниот состав и својства;
- се разликува од храната и состојките на храната кои треба да ги заменат, до таа мера, што нивната нормална консумација би имала негативен ефект за потрошувачот во прехранбена смисла.
Операторот со храна кој за прв пат ќе сака да стави во промет ГМО храна на пазарот во Република Северна Македонија, во согласност со Законот за ГМО и овој закон, треба да поднесе барање за одобрение за ставање во промет на ГМО храна до Агенцијата.
Барањето ќе се однесува на:
- храна која содржи ГМО или е составена од ГМО;
- состојките произведени од ГМО или храната која ги содржи тие состојки.
Агенцијата ќе води регистар на одобрени производи кои ги исполнуваат посебните барања за безбедност како ГМО храна.
Директорот на Агенцијата во согласност со министерот за здравство и министерот за животна средина и просторно планирање ќе ги пропишува посебните барања за безбедност на ГМО храна, означувањето и барањата за следливост на прехранбените производи кои содржат ГМО храна или се составени од ГМО, барањата за следливост на храната произведена од ГМО по претходно добиена согласност од Владата на Република Северна Македонија.
Директорот на Агенцијата ќе ги пропишува начинот и постапката за издавање на одобрение, нејзиното времетраење, потребната документација и висината на трошоците во постапката за издавање одобрение за ставање во промет на производот од групата на ГМО храна по претходно добиена согласност од Владата на Република Северна Македонија.
Засега во важност се членовите 150 и 151 кои исто се однесуваат на ГМО храната со кои се забранува производство, ставање во промет, увоз во Република Северна Македонија на храна и производи од храна кои содржат ГМО или се составени од ГМО.
Агенцијата спроведува официјална контрола за утврдување на спроведувањето на забраната.
Директорот на Агенцијата ќе го пропише начинот на вршењето на официјалната контрола на забраната за производство, ставање во промет, увоз во Република Северна Македонија на храна и производи од храна кои содржат ГМО или се составени од ГМО, по претходно добиена согласност од Владата на Република Северна Македонија.
Погоре наведените одредби ќе се применуваат до пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската унија.
б. Храна произведена со иновирани технологии
Храна произведена со иновирани технологии е секоја храна која досега не била користена за човечка употреба во значителна мера во Република Северна Македонија, и спаѓа барем во една од следниве категории:
(а) храна со нова или намерно модифицирана молекуларна структура, ако таа молекуларна структура досега не била користена како храна или во храна во Република Северна Македонија;
(б) храна составена, изолирана или произведена од микроорганизми, габи или алги;
(в) храна составена, изолирана или произведена од материјали од минерално потекло;
(г) храна составена, изолирана или произведена од растенија или делови од нив, освен кога таа храна има историја на безбедна употреба и е составена, изолирана или произведена од растение или сорта од ист вид добиен преку:
— традиционални практики на одгледување што се користат за производство на храна во Република Северна Македонија; или
— нетрадиционални практики на одгледување кои досега не биле користени за производство на храна во Република Северна Македонија, кога овие практики не доведуваат до значителни промени во составот или структурата на храната, кои влијаат на нејзината хранлива вредност, метаболизмот или нивото на несакани супстанции;
(д) храна составена, изолирана или произведена од животни или делови од нив, со исклучок на животни добиени преку традиционални практики на одгледување кои се користеле за производство на храна, и храната од овие животни има историја на безбедна употреба во Република Северна Македонија;
(ѓ) храна составена, изолирана или произведена од клеточни култури или ткивни култури добиени од животни, растенија, микроорганизми, габи или алги;
(е) храна добиена како резултат на производствен процес кој досега не бил користен за производство на храна во Република Северна Македонија, кој предизвикува значителни промени во составот или структурата на храната кои влијаат на нејзината хранлива вредност, метаболизмот или содржината на несакани супстанции;
(ж) храна составена од специјално создадени наноматеријали, во согласност со дефиницијата во член 3, став 2 точка (д) од овој правилник;
(з) витамини, минерали и други супстанции кои се користат во согласност со Правилникот за посебните барања за безбедност на додатоците на исхрана, Правилникот за посебните барања за безбедност и барањата за составот и начинот на означувањето на збогатената храна, односно на храната на која и се додадени витамини и минерали, дополнителни задолжителни информации поврзани со особеностите на збогатената храна, како и количеството, формата и видот на витамини и минерали кои можат да се додаваат на храната или Правилникот за посебните барања за безбедност на храната за посебна нутритивна употреба, кога:
— бил спроведен производствен процес кој досега не бил користен за производство на храна во Република Северна Македонија, како што е наведено во точка (е) од овој член; или
— тие содржат или се составени од „специјално создадени наноматеријали“, во согласност со дефиницијата во член 3 став 2 точка (д) од овој правилник;
(s) храна досега употребена исклучително во додатоци на исхрана, која е наменета да се користи во храна освен во додатоци на исхрана како што се дефинирани во член 3 став 1, точка 1 од Правилникот за посебните барања за безбедност на додатоците на исхрана.
Листа на одобрена храна или состојки на храна произведени со иновирани технологии-линк
в. Храна производена со јонизирачко зрачење
Третирање на храна со јонизирачко зрачење може да се употреби само за следните цели:
- намалување на инцидентите од заболувања поврзани со храната со уништување на патогените микроорганизми;
- намалување на расипувањето на храната со успорување или запирање на процесите трулење и уништување на трулежните микроорганизми;
- намалување на загубите на храна поради предвремено зреење, `ртење или проникнување;
- одстранување на организмите во храната кои се штетни за растенијата или растителните производи.
За да се одобри третирањето на храната со јонизирачко зрачење потребно е да се исполнети следните услови:
- да има оправдана технолошка потреба;
- да не претставува опасност за здравјето и се врши според предложени услови;
- да e корисно за потрошувачот;
- да не се употребува како надоместок за хигиенска и добра производна или земјоделска практика.
Храната или состојките во храната третирани со јонизирачко зрачење треба да се означат со зборовите „третирана со јонизирачко зрачење“.
г. Природна минерална вода
Природната минерална вода е производ од природно заштитена подземна животна средина. Природната минерална вода е природно безбедна за пиење за луѓето во нејзината оригинална состојба. Таа исто така може да има дополнителни карактеристики поврзани со присуството и концентрацијата наодредени минерали во неа. Дополнителните карактеристики зависат и од областа од каде се врши експлоатација на водата односно од потеклото на водата.
Секоја природна минерална вода има карактеристичен вкус и конзистентен минерален состав. Природните минерални води можат да бидат многу различни во однос на содржината на минерали започнувајќи од многу ниска содржина на минерали – (помалку од 50 mg на литар), до висока содржина на минерали (повеќе од 1500 mg на литар).
Карактеристичниот минерален состав на секоја природна минерална вода мора да биде стабилен и означен на означувањето на произпроизводот. Природната минерална вода покрај општите правила за означување има и посебни правила при означувањето. На означувањето мора да се наведе местото на потекло и името на изворот. Означувањето не треба да содржи зборови со кои се припишуваат својства на природната минерална вода во врска со превенција, лекување или дека водата е лек за болест кај луѓето.
Природните минерални води не треба да бидат дезинфицирани или хемиски третирани.
Природните минерални води се производи кои пред да се стават на пазарот во Република Северна Македонија треба да бидат одобрени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.