Постои отворена можност и желба за воспоставување институционална и бизнис соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Франција и на полето на безбедноста на храната, храната за животни и ветеринарството, но и размена на искуства кои ќе ја олеснат и интензивираат трговската размена меѓу двете земји, заклучија на денешниот работен состанок во Агенцијата за храна и ветеринарство директорот Зоран Атанасов и Кристијан Тимоние, амбасадор на Република Франција во нашава земја и претставници од Секторот за ЕУ и меѓународна соработка од Агенцијата и од француската амбасада. На состанокот беа презентирани приоритетите на Агенцијата за храна и ветеринарство и разгледани беа полињата на соработка во кои би се насочиле активностите на идната меѓународна соработка.
-Како институција нашите активности сега се насочени кон активностите за воспоставување на системот за управување со нус производи од животинско потекло, прашање за кое и во земјите од регионот не постои комплетно решение. Оттаму, идејата на нашиот иден проект, е како земја и како институција да се позиционираме како регионален центар за решавање на овој сериозен проблем кој е непосредно поврзан со животната средина, но и заштита на здравјето на луѓето- истакна директорот Атанасов.
Три компоненти се носечки во овој систем, додаде тој и посочи дека третата, по согорувањето и преработката на животинскиот отпад е производство на финален производ – протеин за исхрана на животните и други производи, кои треба да бидат од исклучив интерес за бизнис заедницата. Токму во овој дел, посочи тој, отворена е можноста и за вклучување на компании од Република Франција.
-Во решавањето на овој приоритет, добредојдено ќе биде и искуството на Франција, а тоа ќе отвори и нови можности за соработка и на ниво на држави, институции и компании. Капацитетот кој планираме да се изгради и за кој наскоро ќе ја дефинираме и точната локација, може да ја интегрира бизнис заедницата, не само од Република Северна Македонија, туку и од соседните земји, Косово, Грција Србија и другите земји- истакна тој.
Амбасадорот Тимоние ги поздрави напорите кои ги прави нашата земја за решавање на проблемот со нус производите од животинско потекло и позиционирањето на нашата земја како регионален центар. Исклучително позитивни ги оцени дефинираните приоритети во работењето на Агенцијата, воспоставената и соработка со европските и светски признатите институции од областа на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните. Тој ја поздрави можноста за воспоставување на институционална и бизнис соработка меѓу двете земји и вклучување на Република Франција во реализацијата на меѓународните проекти на кои работи Агенцијата за храна и ветеринарство.