Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Безбедноста на храната почнува на фармите, идентификацијата и регистрацијата на животните клучна алатка

20.02.2018
Безбедноста на храната почнува на фармите, идентификацијата и регистрацијата на животните клучна алатка

Во полн ек се активностите кои ги спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство за добивање на дозвола за извоз на свежо свинско месо на европскиот пазар. Оваа и идната година акцент ќе се стави на зајакнување на биосигурносните мерки на фармите, а од 2020 година, како што информираше денес директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов на дводневната работилница за унапредување на системот за идентификација и регистрација на свињите која се одржува поддршка од инструментот за претпристапна помош на Европската Комисија – TAIEX. Согласно Акциониот план на Агенцијата за справување со оваа болест, предвидено е прекинување на превентивната вакцинација на свињите против болеста класична свинска чума, по што, ќе побара од Европската унија, Република Северна Македонија да добие статус на слободна земја за извоз на свежо свинско месо и на европскиот пазар.
- Со добивањето на статусот слободна земја од оваа болест и можноста за извоз на свињи и свежо свинско месо на европскиот и на светскиот пазар, отворена е и можноста Република Северна Македонија од земја увозник да прерасне во земја извозник на овој тип месо. Акцискиот план предвидува спроведување на повеќе активности, меѓу кои се зајакнување на биосигурносните мерки на свињарските фарми, мониторинг на присуство на вирусот кај дивите свињи во Република Северна Македонија, за што веќе се потпишани договори со ловните друштва, спроведување на мониторинг на кланиците при колење на свињите за утврдување на присуство на антитела на вирусот и подобрување на системот за идентификација и регистрација на свињите во земјава. Исклучително важна е и мерката која се однесува на прекин на превентивна вакцинација против класична свинска чума во Република Северна Македонија – истакна тој.

Финансиските трошоци за имплементација на биосигурносните мерки или нивното зајакнување на свињарските фарми, за производителите, Атанасов смета дека не би требало да бидат големи. Агенцијата спроведе пилот проект минатата година, објасни и додаде дека со него минатата година биле опфатени најголемите 12 фарми за свињи.

-Со контролите утврдивме дека критериумите кои се однесуваат на имплементацијата на биосигурносните мерки, а кои ги поставивме како Агенција, фармите веќе ги имаат достигнато. Тие се дури и построги од европските. Нашите фарми, односно оние кои ги посетивме минатата година можам да кажам дека се веќе подготвени. Нивните биосигурносни мерки се на задоволително ниво. Активноста е продолжена и во наредниов период . Досега се посетени 16 од вкупно 85 фарми, а се надевам дека нивниот број во иднина ќе биде и поголем – рече тој.
Бенефитот за фармерите, објасни Атанасов, од имплементирањето на биосигурносните мерки и нивното зајакнување ќе биде голем, како од аспект на подобрувањето на здравствената заштита на животните, а со тоа и намалување на трошоците за лекување на животните, но, најважно за нив ќе биде отворањето на новите пазари за извоз на свежо свинско месо и можноста за развој на гранката во целина. Тоа ќе овозможи подобрување на економската состојба и стандардот на самите фармери.
-Потребен е период од две години откако ќе се престане со вршење на превентивната вакцинација на свињите против болеста класична свинска чума за да може Република Северна Македонија да добие статус на слободна земја од болеста и да почне да извезува. Доколку анализите покажат дека биосигурносните мерки се на високо ниво и ние го воспоставиме системот за идентификација и регистрација да функционира како што треба, уште на 01 јануари 2019 година би можеле да престанеме со вакцинација, а во 2021 година би имале можност да извезуваме на европскиот и на светскиот пазар. Но, претпазливи сме. Нашиот план е зацртан за три години. Доколку анализите покажат дека може рокот да го скратиме тоа ќе го направиме, во спротивно ќе одиме на планот извозот да го почнеме во 2022 година – објасни Атанасов.
Пред некој ден, додаде тој, Агенцијата доби известување од Светската организација за здравствена заштита на животните дека македонскиот план за справување со болеста Класична свинска чума ќе биде земен како урнек и ќе може врз основа на него и другите земји ширум светот да градат сопствени планови за итни мерки за справување со оваа болест.
Марјана Дробниќ, експерт за системот за идентификација и регистрација на животните од словенечкото Министерство за земјоделство, шумарство и храна потенцира дека идентификацијата и регистрацијата на животните е исклучително важна бидејќи безбедноста на храната започнува на фармите.
- Голбализацијата донесе нови предизвици на полето на безбедноста на храната и системот комплетно се промени во изминативе 15 години. Македонија рано започна со активности за поставување на системот за идентификација и регистрација на животните. Уште во 2002 година почнаа некои активности, но, овој систем тогаш и во Европската унија беше нов. Во изминативе 15 години, прогресот е евидентен и на ова поле Македонија одлично си ја заврши работата. Како и да е, сите ние треба да се подготвиме за унапредување на системите за идентификација и регистрација на животните, но и за надградба на системите за безбедност на храната во целина – истакна таа.
Данчо Димов претставник од свињарската фарма “Агрија” објасни дека кај поголемите свињарски фарми биосигурносните мерки се на завидно ниво. Од аспект на имплементирани биосигурносни мерки, како што посочи тој, по спроведената контрола од Агенцијата за храна и ветеринарство, нивната фарма се смета за една од најнеризичните, каде се вбројуваат и други поголеми свињарски фарми.
- Во Република Северна Македонија потребите од свежо свинско месо во најголема мера ги задоволуваме од домашно производство. За некоја година добро ќе ни дојде можноста за извоз на пазарите во ЕУ, бидејќи пазарот во Македонија е мал и увозот прави пореметување на состојбата. Укинувањето на вакцинацијата и можноста за извоз, нам на фармерите многу ќе ни помогне – заклучи тој.

Категорија