Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

АХВ утврди присуство на ГМО храна и во Македонија

08.09.2018
АХВ утврди присуство на ГМО храна и во Македонија

При реализација на Програмата за мониторирање на безбедноста на храната во Република Северна Македонија, Агенцијата за храна и ветеринарство откри две пратки со производи позитивни на ГМО, објави на денешната прес конференција директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.
-Првата позитивна мостра е од ориз, по потекло од Кочанско, кој е произведен од увозен семенски материјал. Станува збор за количина од 550 килограми. Мострите од оризот се земени од магацин на операторот со храна, односно, количините кои ќе бидат нештетно уништени воопшто не биле пуштени во промет – истакна тој.
Агенцијата за храна и ветеринарство, објасни Атанасов, подготвува план за контрола на потеклото на ГМО на годинашнава, нова реколта ориз која се произведува во РМ. Во соработка со Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство ќе се утврдува потеклото на семенскиот материјал ориз кај кој е утврдено присуство на ГМО, односно, ќе се проверува колкави количини, од кои сорти и од кои земји се увезени.
-Кај соини шницли и соини презли во вкупна количина од 510 килограми, исто така со лабораториско испитување е утврдено присуство на ГМО. За нив се чекаат резултатите од суперанализите кои на барање на операторот со храна се вршат во референтна европска лабораторија. Дел од количините биле пуштени во промет и тие се повлечени и заедно со остатокот во магацинот се ставени под официјален надзор до добивање на резултатите од суперанализата – додаде Атанасов.


На прашање дали постои и какво е влијанието на ГМО по здравјето на граѓаните, според Атанасов, науката треба да го каже последниот збор. Во светот, додаде тој се употребуваат вакви производи. Во Европската унија дозволена е употребата на ГМО храната, но, истата задолжително мора да биде декларирана, како што беше случај и кај нас до пред неколку години.
-Со членот 56 од Законот за безбедност на храна,регулиран беше начинот на производство и на ставање во промет на производи кои содржат ГМО. Со негово укинување се воведе забрана за производство и ставање во промет на ГМО до влез на Република Северна Македонија во Европската унија- објасни тој.
Препознавањето на производите кои содржат ГМО од страна на граѓаните не е можно, ако производите не се декларирани, односно ако не е извршено лабораториско тестирање, одговори Атанансов запрашан дали граѓаните можат да ги препознаат производите кои содржат ГМО.
Агенцијата за храна и ветеринарство во наредниот период, најави тој, ќе спроведе засилени контроли за присуство на генетски модифицирани организми во храната.
Годинава, за прв пат, објасни на прес конференцијата директорот Атанасов, Агенцијата за храна и ветеринарство реализира посебна програма за контрола на квалитетот на меленото месо и подготовките и производите од мелено месо.
-Со контролите утврдивме дека неколку оператори со храна во меленото свинско и говедско месо користеле и мелено живинско месо кое не било декларирано. Неговата употреба не е дозволена со постоечкиот Правилник за квалитет на меленото месо и производите од мелено месо- појасни тој.
Не станува збор за безбедносен пропуст, туку за измама на потрошувачите, за што операторите со храна се казнети со парични казни од по 5 илјади евра и дополнителна казна за одговорните лица од 1.700 евра во денарска противвредност. Месото е повлечено од продажба.
Прашан за тоа до каде е постапката за набавка на микрочипови за домашните миленици, директорот Атанасов објасни дека истата е завршена. Набавени се микрочиповите и тие се наоѓаат во магацинот на Агенцијата, а во моментов се склучуваат договори со ветеринарните друштва кои треба да ја вршат апликацијата на чиповите наменети за домашните миленици – кучиња и мачки.

Категорија