Подобрување на соработката и овозможување на квалитетни и навремени услуги од страна на ветеринарните друштва кон одгледувачите на добиток и домашните миленици, реализација на активностите на Агенцијата согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните за оваа година, се дел од темите на кои на вчерашниот работен состанок, разговараа првите луѓе на Агенцијата за храна и ветеринарство, директорот Зоран Атанасов и претседателот на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија, Томислав Николовски.
На состанокот стана збор и за усогласување на Планот со активности за 2019 година, со јасно прецизирани термини за започнување и завршување на активностите кои произлегуваат од Годишната наредба.
Од страна на петставниците на Ветеринарната комора презентирана беше можноста за измена на висината на услугите предложени во ценовникот на Комората. Се разговараше и за состојбата во сточарството во Република Северна Македонија, за што, заеднички беше договорено идните активности на Агенцијата и Комората да бидат насочени кон унапредување на услугите кон одгледувачите на добиток. Разгледана беше и иницијативата на Агенцијата за воведување на здравствен пакет при спроведување на здравствената заштита на животните.
Директорот Атанасов информира дека во тек е постапката за набавка на микрочипови за идентификација на домашните миленици, кои бесплатно ќе бидат донирани на ветеринарните друштва со кои Агенцијата за храна и ветеринарство ќе склучи договори. Со договорите, нагласи тој, ќе бидат регулирани обврските на ветеринарните друштва за бесплатна апликација на микрочиповите и за внесување на податоците за милениците во електронската база на податоци на Агенцијата.
Тој ги информира претставниците на Комората и за повеќегодишните финансиски побаруања кои ветеринарните друштва ги имаа од Агенцијата за храна и ветеринарство, нагласувајќи дека ттие успешно се исплатени заклучно со декември 2017 година. Доспеаните фактури за 2018 година, заклучи тој, тековно се исплаќаат, благодарение на соработката и разбирањето на Владата на Република Северна Македонија.