Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) успешно го заврши редовниот надзорен аудит спроведен од страна на сертификациско тело (MQS), при што беа констатирани позитивни наоди и високи оценки за воспоставениот, имплементиран и одржуван систем за управување со квалитет во институцијата. Аудитот беше реализиран согласно барањата на стандардот ISO 9001 2015 и опфати сеопфатна анализа на организациската посветеност на барањата на стандардот, управувачките процеси, оперативните процедури, како и степенот на нивна практична примена во секојдневното работење. Посебен акцент беше ставен на ефикасноста на интерните контролни механизми, управувањето со ризици и континуираното подобрување на институционалните перформанси.

Во својот извештај, аудиторскиот тим констатира дека Агенцијата демонстрира висок степен на институционална подготвеност, јасно дефинирани надлежности и одговорности, како и систематизиран пристап кон планирање, следење и оценување на работните процеси. Беше истакнато дека воспоставениот систем за управување со квалитет не претставува формална обврска, туку функционален систем кој реално придонесува за зголемување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста во работењето.
Позитивно беа оценети доследната примена и редовното ажурирање на процедурите и интерните акти, системот за интерни проверки и корективни мерки, континуираната едукација и професионален развој на вработените, дефинираните цели за квалитет и индикатори, задоловството на корисниците на услугите како и ориентираноста кон корисниците.
Успешно реализираниот аудитот претставува значајна потврда дека Агенција за храна и ветеринарство функционира во согласност со стандардот за квалитет ИСО 9001 2025, обезбедувајќи сигурен и стабилен систем за заштита на јавното здравје, безбедноста на храната и здравјето и благосостојбата на животните.
-Овој резултат е плод на континуирана посветеност, професионалност и тимска работа на вработените во Агенцијата, како и на стратешката определба на раководството за градење модерна, транспарентна и ефикасна институција, усогласена со европските принципи и добри практики- истакна Оливер Миланов, директор на АХВ.
Агенцијата останува цврсто определена и во иднина да го надградува системот за управување со квалитет, преку унапредување на процесите, дигитализација на услугите и зајакнување на институционалните капацитети, со крајна цел – обезбедување највисоко ниво на заштита на здравјето на граѓаните преку безбедноста на храна.