Во периодот 02.2 – 04.2.2026 година Агенцијата за храна и ветеринарство продолжи со спроведување на проектот „Контрола на африканска свинска чума – од теорија до пракса“ со активноста менаџмент на диви свињи со перспектива на „Едно здравје“. Од страна на носителот на проектот Експериментален зоопрофилактички институт на Умбрија и Марке „Того Росати“ и проектните партнери, потпомогнати од страна на Светската организација за здравје на животните (WOAH) и Национален референтен центар за проучување на болести предизвикани од пестивируси и асфивируси од Перуџа, Италија извршија теренска мисија на ловиштата позитивни на африканска свинска чума и работилница „Студии на случај за управување со диви свињи на африканска свинска чума од Италија“.

Од претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство и претставници на проектот беше посетено ловиштето „Ниџе“, во кое се разговараше за набљудување на ловиштата погодени од африканска чума кај свињите, дискусија за управување со популацијата на диви свињи, практики за надзор и собирање примероци, предизвици за биолошка безбедност и импликации за „Едно здравје“.

На ден 03.02.2026 во хотел „Капри“ Битола беше одржана работилница со претставници на Ловечката федерација на Македонија, локалните ловечки друштва од Преспанскиот и Пелагонискиот регион, официјални ветеринари и претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство. На истата се разговараше за координативни механизми за подготвеност и одговор на африканска чума кај свињите, кампања за подигање на свеста за африканска чума кај свињите, стратегии за управување со диви свињи во областите погодени од африканска чума кај свињите и областите со висок ризик и интеграција на принципите „Едно здравје“ во политиките за контрола на африканска чума кај свињите. Дополнително беа споделени научени лекции од теренските набљудувања и состојбата со африканската свинска чума во регионите на Сардинија, Лацио и Северозападна Италија со експерите од проектот. Дополнително, експерите одржаа работна средба со експертската група за болеста Африканска чума кај свињите, формирана од страна на директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство. На крајот, експертите заклучија дека Агенцијата за храна и ветеринарство посветено работи на справување со болеста африканска чума кај свињите, не само кај домашната популација, туку и кај дивите животни.


Во 2025 година не се регистрирани случаи на болеста африканска чума кај свињите кај домашната популација. Во текот на 2025 година болеста африканската чума кај дивите свињи констатирана е на 93 ловишта од кој 68 ловишта за крупен дивеч, додека 25 ловишта за ситен дивеч. Во 2025 година се регистрирани 54 позитивни случаи, што претставува намалување во апсолутен број во споредба со 2023 година (163 случаи) и 2024 година (331 случај). Ова апсолутно намалување на бројот на позитивни случаи не може директно да се интерпретира како реално намалување на присуството на вирусот, имајќи го предвид намалениот обем на земање и доставување примероци во текот на 2025 година (1457 примероци), во однос на 2023 година (4112 примероци) и 2024 година (2944 примероци). Намалениот обем на примероци може да биде резултат на повеќе фактори, вклучително и можно намалување на популацијата на диви свињи како последица на болеста, како и намалена стапка на доставување примероци како резултат на изменетите услови за финансиска компензација. Поради овие ограничувања, регистрираниот пад на позитивните случаи во 2025 година не може со сигурност да се интерпретира како реално намалување на присуството или циркулацијата на вирусот кај дивата популација.
