“Задолжително пријавување на секој сомнеж на болеста со цел навремено преземање на сите потребни мерки за нејзино спречување на појава и ширење при евентуална потврда на болеста чума кај малите преживари, почитување на биосигурносните марки на фармите и на протоколите при земање и транспорт на мострите до лабораториите за дијагностицирање на болеста”. Ова е апелот кој од денешната трибина посветена на превенција на болеста чума кај малите преживари која се одржа во Скопје ја упати проф - др Игор Џаџовски од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје (ФВМ) , во рамки на циклусот трибини кои ги одржуваат АХВ и ФВМ за превенирање на оваа болест.
На трибината учествуваа членовите Локалниот центар за контрола на болести Скопје, претставници и официјални ветеринари од Агенцијата за храна и ветеринарство, ветеринарни друштва и претставници на институции со кои АХВ соработува во услови на криза.
Болеста спаѓа во категоријата високозаразни од која најчесто заболуваат овците и козите, а како најприемчива категорија на вирусот е младата популација животни. Станува збор за болест која по симптомите има сличности и со други болести како што се сипаниците кај овците, синиот јазик и ликавката и шапот. Затоа, при земање на мострите за лабораториско тестирање треба да се обрне големо внимание, бидејќи освен за оваа болест тие ќе се искористат и за детектирање и на овие болести, особено на сипаниците кај овците, болест која брзо се шири во соседна Грција, а која е потврдена и во Бугарија – истакна Џаџовски.
Вања Кондратенко, раководител на Секторот за здравствена заштита и благосостојба на животните при АХВ потсети дека пријавувањето на сомнеж и потврда на болеста чума кај малите преживари е задолжително, бидејќи се работи за особено опасна заразна болест од категоријата А за која задолжително се преземаат мерки за нејзино искоренување.
-Локалниот центар за контрола на болестите е организациона единица на АХВ која се активира само во случај на појава на болест од листата А и негова функција е координирање на активностите на терен и спроведување на задачи добиени од Националниот центар за контрола на болести. Соработката и координацијата меѓу секторите во АХВ во вакви услови е задолжителна и во насока на преземање на соодветни мерки за справување со болеста. Секако, неминовна е и соработка со други институции како што се Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, министерствата за внатрешни работи, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за економија, финансии за животна средина и просторно планирање и други, но пред се со локалните самоуправи кои приоритетно треба да одредат локации за јами за закопување на депопулираните животни при евентуална појава на болест – рече Кондратенко.
Тој најави дека наскоро ќе почне спроведувањето на клиничките прегледи на одгледувалиштата во високоризичните и нискоризичните зони за појава на чумата кај малите преживари согласно Планот за рана детекција на болеста, кој го финализираат АХВ и ФВМ.