Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и оваа година ја поддржува глобалната кампања за одбележување на Светскиот ден на безбедна храна – 7-ми Јуни, која годинава по четврти пат ќе се одржи утре под мотото "Побезбедна храна, подобро здравје". Како одговорна институција за контрола и унапредување на безбедноста на храната, во интерес на здравјето на граѓаните, АХВ континуирано работи на превенирање и управување со ризиците поврзани со храната, а со тоа за зголемување на економскиот развој на земјава, на земјоделството и пазарите.
Современиот начин на живеење диктира исклучително брзо темпо, а ова и од нас како институција бара брза реакција и засилување на превентивните активности, со кои на граѓаните ќе им гарантираме не само дека ќе имаат доволни количини, туку пред се, ќе имаат безбедна храна. Спроведувањето на инспекциските контроли е само дел од нив. Во првите три месеци од годинава спроведени се над 12 илјади контроли. За констатираните недоследности изречени се вкупно 1 384 мерки. Донесени се 942 решенија, спроведени се 320 едукации на операторите со храна и поднесени се 23 прекршочни пријави. Во првото тромесечје од годинава не е поднесена ниту една кривична пријава. Како небезбедни нештетно се уништени 38 399 килограми храна, од кои најголемиот дел, односно 23 792 килограми, од страна на инспекторите
– по повод утрешното одбележување на 7 јуни – Светски ден на безбедна храна, вели Николче Бабовски, директор на АХВ.
Потврда за безбедноста на храната која ја увезуваме се спроведените контроли на граничните премини. Од јануари заклучно со март, нема вратени или уништени небезбедни пратки со храна од неживотинско потекло. Забранет е влез на три пратки од увоз со храна од животинско потекло со вкупна тежина од 33 898 килограми, а нема уништени небезбедни пратки со овој тип на храна. Во истиот период годинава, нема ниту забранети ниту поништени небезбедни пратки од увоз со производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната.
Во 2021 година, информира Бабовски, од страна на официјалните ветеринари и инспекторите за храна беа спроведени вкупно 49 590 инспекциски надзори, изречени се вкупно 6 760 инспекциски мерки.
Од почетокот на годинава до крајот на мај до Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ, поднесени се 194 претставки од граѓани. Според наводите кои се однесуваат на безбедноста на храната 7 претставки се однесуваат на сомнеж во безбедност на производи, 20 претставки се за продажба на производи со поминат рок на употреба, 9 се со наводи за производи со променети органолептички својства, 7 претставки со наводи за присуство на контаминенти во производи, а 4 претставки се однесуваат на несоодветно означување на производи. Како небезбедни, од почетокот на годинава заклучно со мај, уништени се над 2,7 тони небезбедна храна при постапување на официјалните ветеринари и инспекторите за храна по претставките.
До АХВ минатата година беа 418 претставки, над 50 проценти од областа на ветеринарството, здравствената заштита и благосостојба на животните, односно неодговорно сопствеништво и бездомните кучиња /напади и каснување од бездомни кучиња. 35проценти од претставките биле за храната од неживотинско потекло, 9 проценти на храната од животинско потекло и од аспект на безбедноста тие се однесувале на неодржување на контролните системи од страна на производителите (Добри хигиенски пракси, Добри производни пракси / НАССР системот), на неприменување на мерките во врска со КОВИД- 19, производи со поминат рок на употреба, загадувачи/контаминенти во храната, производи со изменети органолептички својства, квалитет и измами со храна, сомнеж за труење со храна.
Во рамки на постапувањата по претставки и предлози донесени се 114 решенија, земени се 34 примероци/мостри за лабораториски тестирања, наплатени се 54 глоби, спроведени се 28 едукации и покренати се 3 прекршочни постапки. Како небезбедна, постапувајќи по поднесените претставки, инспекциските служби минатата година уништиле приближно 4 тони храна.
Безбедноста на храната е грижа на сите вклучени во системот, почнувајќи од државата и институциите, операторите со храна и самите потрошувачи. Потврда на функционалноста на интегрираниот систем за контрола на безбедноста на храната кој го има имплементирано АХВ е фактот дека од година во година се намалува бројот на случаите на труења со храна на лица кои завршиле на болничко лекување. Согласно податоците кои АХВ ги добива од Институтот за јавно здравје, од почетокот на годинава досега, не е евидентиран случај на труење со храна. Во 2021 година пријавени беа 2 труења, во 2020 имаше само еден случај. Во 2019 година евидентирани се 3 инциденти, во 2018 – 8, а во 2017 година, 10 труења со храна – заклучува Бабовски.