Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Одгледувачите ќе добијат обесштетени за секоја убиена свиња

13.01.2022
Одгледувачите ќе добијат обесштетени за секоја убиена свиња

По појавата на африканска свинска чума во делчевското село Драмче, во радиус од три километри до денеска уништени се вкупно 195 домашни свињи, односно со овој потег немаме ниту една жива свиња. Направена е депопулација, со што лешовите од овие животни се депонирани во сточна јама во Делчево каде се преземени сите мерки да не дојде до ширење на вирусот. Ова го истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски на денешната прес-конференција организирана од Стопанската комора на Северна Македонија на тема „Вонредни мерки за справување со прв случај на африканска свинска чума во Република Северна Македонија“. 

Во наредните денови, Бабовски соопшти дека ќе продолжи депопулацијата во радиус од десет километри во одгледувалиштата каде не можат да се спроведат био-сигурносни мерки или во одгледувалиштата во кои ќе бидат дијагностицирани нови случаи на овој вирус.

 

Нешто слично како и со КОВИД - от, овде немаме воопшто можност да се изврши вакцинирање или да се изврши тераписки третман, односно лекување на животните. Сигурен исход на животните заразени со овој вирус е леталниот исход

вели тој.

На ниво на цела држава, АХВ спроведува вонреден попис на сите одгледувалишта на свињи и проверка на веќе воспоставената категоризација за примена на безбедносните мерки. Во овој период воведена е забрана за какво било движење на приемливи животни, со исклучок на оние животни што со соодветна дозвола се носат на колење.

Бабовски додаде дека сите одгледувачи на свињи ќе бидат целосно обесштетени, односно средствата што ќе им бидат исплатени нема да бидат пониски од пазарната вредност на секое  грло. Директорот на Агенцијата потенцираше дека месото свињи, кое е претходно прегледано,  со негативен резултат на африканската свинска чума не е опасно за консумирање.

Тоде Атанасов, претседател на Групацијата на производителите на свинско месо истакна дека како Групација тие годишно произведуваат од 150 до 160 илјади гоеници и според нивна оценка од 2019 до сега целосно не се преземени потребните мерки за заштита од вирусот. Според нивната проценка директната штета од афиканската свинска чума во свињарството  би била од 50 до 60 милиони евра, а индиректната многу поголема.

 

Овој проблем е голем и треба да се прифати од страна на државата како висок, итен приоритет

додава Атанасов.

Бојан Ѓоргиевски, претставник на Групацијата на мали производители во Република Северна Македонија вели дека појавата на африканска чума е лоша вест и за маите и за средните фарми. Тоа апелираше на итно подигнување на мерките за биосигурност на фармите и да се засилат контролите во трговијата, особено со месо од малите фарми кои не ги задоволуваат минимум стандардите за безбедност на фармите.

 

Очекуваме нашите колеги фармери да ја согледаат оваа состојба и да соработуваат со властите, особено што никој нема да биде оштетен. Голем број на млади фармери се директно загрозени од оваа состојба. Тие својата егзистенција ја гледаат во нашата татковина и се надевам дека така ќе остане

додава тој.

Директорот на АХВ потенцираше дека не би требало да се соочиме со зголемување на цената на свинското месо, бидејќи во моментов потребите на нашиот пазар целосно се задоволуваат од домашно производство, дури има и вишоци. Тој информираше и дека во радиус од десет километри во делчевскиот регион 741 грло ќе бидат опфатени со  мерката за депопулација.

 

 

 

 

 

 

Ознаки
Категорија