Со цел унапредување на соработката во делот на лабораториските анализи од областа на безбедност на храната, како и подобрување на трговската размена на македонските и српските месни производи, денес, 16 јули 2021, Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, г-н Николче Бабовски, беше домаќин на делегацијата од Република Србија, Директорката на Белградскиот Институт за хигиена и технологија на месо, Др Весна Ж. Ѓорѓевиќ и Генералниот директор на компанијата за производство на месни производи, Златиборац, г-н Душан Кнежевиќ, во својство на претставник на српската месна индустрија.
На состанокот се разменија податоци за условите за трговска размена на производи од месо помеѓу двете земји, за трендовите и лабораториските методи поврзани со проверка на квалитетот и безбедноста на производите од месо и барањата во националните законодавства од областа на безбедноста на храната на двете страни.
Во текот на дискусијата се пројави взаемен интерес за потпишување на Протокол за соработка помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство и Институт за хигиена и технологија на месо од Белград, Република Србија, во полето на размена на податоци, размена на знаење во однос на научните и техничките достигнувања, лабораториски анализи во насока на зајакнување на системите за контрола и стручна соработка од областа на безбедност на храната.
На средбата беше заклучено дека унапредувањето на статусот на здравствената заштита на животните на двете земји и поддршката на месната индустрија, е од исклучително значење за пласман на производите од месо на пазарите на Европската унија и пошироко