Владата на Република Северна Македонија ја донесе Стратегијата за безбедност на храната и храната за животни за периодот 2021-2025, документ кој го подготви Агенцијата за храна и ветеринарство. Во него се отцртани правците на развој на националниот систем за безбедност на храна во наредниот петгодишен период, со основна цел овозможување на соодветно и навремено ефективно справување со сите предизвици од областа на безбедноста на храната и храната за животни.
Основниот пристап на Стратегијата е продолжување на концептот за целосно и интегрирано покривање на процесот на производство на храната од нива до трпеза, односно на комплетниот синџир – од примарното производство на храна сè до крајниот потрошувач. Документот се надоврзува на претходните документи и стратегии, но и на релевантните политики и стратешки документи на Министерството за здравство и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и на документите на Европската унија и меѓународните организации, пред сè на Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации - (FAO).
Главните стратешки документи кои ги поставуваат насоките на Стратегијата се базираат на шест главни стратегиски области на делување: Првата е Интегрирање и создавање на заедничка платформа за координиран и интегриран приод на три области на храната: безбедност на храна, обезбеденост со храна и сигурност на храна, со цел постигнување на ефективен, одржлив и еластичен национален систем. Втората стратегиска област се однесува на унапредување на институционалниот капацитет во делот на официјални контроли и исполнетост на законските барања во областа на безбедноста на храната. Официјалните контроли ќе се спроведуваат на ефективен, ефикасен и сигурен начин за да обезбедат заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата и високо ниво на безбедност на храната;
Превентивата и контролата на измамите со храна и сериозни закани за безбедност на храната со цел потрошувачите секогаш да имаат пристап до автентична безбедна и нутритивно вредна храна е третата стратегиска област на делување. Обезбедувањето на безбедност, интегритет и автентичност на храната ќе се постигне со правилно и навремено откривање, спречување и преземање на активности за заштита на потрошувачите.
Унапредување на системот на научна поддршка, професионална експертиза и евиденција на активностите на агенцијата во областа на безбедноста на храна е четвртиот столб на Стратегијата и тој вклучува и проценка на ризик и креирање на политики, програми и планови.
Надградбата на системот на комуникација, едукација и соработка во областа на безбедност на храна е петтиот стратешки столб. Високото ниво на информираност, знаење и посветеност на потрошувачите и другите засегнати субјекти со воспоставен систем на комуникација и соработка се веќе институционализирани и се еден од столбовите на националниот систем на безбедност на храна и храна за животни.
Шесттата стратешка област се однесува на обезбедување институционална поддршка на политиката на исхрана на Министерството за здравство.