Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, денес го посети рибникот “Дошница” во демиркапиското село Чфлик, кој деновиве од Агенцијата за храна и ветеринарство доби одобрение да биде карантински објект за риби. Станува збор за објект каде ќе се спроведува карантин за оплодена икра од пастрмки со цел обезбедување на безбедносни услови да се одгледаат и на пазарот да се пласираат риби од видот пастрмка кои се безбедни и кои ги исполнуваат највисоките стандарди за здравствена заштита од болести кај овие животни од аквакултурата.
Рибникот е изграден во 1962 година и со него од 2003 година стопанисува ДПУП “Дошница” ДООЕЛ од село Чифлик од Дамир Капија и истиот ги исполнува стандардите за безбедност на аквакултурата и во него да се спроведе карантин – чување во изолација на оплодена икра од пастрмки, односно каде е исклучен секој директен или индиректен контакт на икрата со други животни од аквакултура. Во овој рибник ќе се врши набљудување и кога е потребно и испитување и третман на икрата, вклучително и на водата, со цел спречување на појава на болести кај рибите.
Карантинот ќе биде задолжителен за сите бизнис оператори кои се занимаваат со одгледување на овој вид риба. Рибникот има капацитет од 130 тони годишно.