Во рамки на редовната комуникација со бизнис операторите, денес, директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, оствари работна средба со менаџментот и претставници на фабриката за кондиторски производи ,,ЛИОН" од Свети Николе. На средбата, претставниците на оваа општествено одговорна компанија, добитник на голем број домашни и меѓународни награди за квалитет, го запознаа првиот човек на АХВ со проблемите и предизвиците со кои се соочуваат во работењето, особено во услови на пандемија со вирусот Ковид 19, поради што, како што истакнаа, засилени се безбедносните мерки во овој производствен капацитет во кој моментално се вработени 200 лица.
Како што информира менаџментот, компанијата ги поседува сертификатите за имплементиран HACCP и ISO 22 000 и IFS стандардите со што ги исполнува највисоките критериуми за производство на безбедни и квалитетни кондиторски производи, кои, освен на домашниот пазар се пласираат и во земјите од регионот, земјите членки на Европската унија, земјите од Блискиот Исток, Јапонија и Австралија.
Директорот Атанасов на средбата истакна дека соработката на институциите и бизнис секторот е неминовна за економски раст и развој, не само на кондиторската индустрија која во земјава бележи раст во изминативе години, туку и на стопанството во целина. Како одговорна институција, додаде тој, Агенцијата за храна и ветеринарство останува отворена за соработка и поддршка на бизнис операторите во реализирањето на иницијативите за афирмирање на македонското производство и освојување на што е можно поголем број странски пазари.