Претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство и официјални ветеринари се дел од педесеттина учесници од земјава на онлајн обуката која почнувајќи од 1 јули ќе се реализира во наредните 6 недели. Обуката е дел од активностите за подобрување на подготвеноста на балканските земји во справувањето со Африканска свинска чума и неа ја организира Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации – ФАО.
На обуката во која од земјава се вклучени претставници од неколку државни институции, официјални ветеринари, претставници од ветеринарните друштва, од Факултетот за ветеринарна медицина и поголеми одгледувачи на свињи, ќе учествуваат околу 350 претставници од Балканот (од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, и Србија). Преку седум модули, во рамки на обуката ќе бидат опфатени теми за влијанието на болеста, клиничката и лабораториската дијагностика, епидемиологија, истрага за појава на епидемии, контролни мерки, биосигурност и африканска свинска чума кај диви свињи.