За време на забраната и посебниот режим на движење на територијата на државата која стапува на сила од денес, среда, во 16,00 часот, сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и кои имаат домашни миленичиња (куче), од понеделник до петок ќе може милениците да ги изнесуваат надвор од своите домови за да ги прошетаат и да ги извршат физиолошките потреби и во вечерните часови, односно во временски период од 20,00 до 20.30 часот.
За време на викенд ( сабота и недела), кога е на сила забраната и посебниот режим на движење на граѓаните во земјава, милениците ќе може да се прошетаат наутро од 8.00 до 8.30 часот и попладне од 15.00 до 15.30 часот.
За време на забраната и посебниот режим на движење, сопственикот и миленикот не смеат да се оддалечуваат од домот подалеку од 100 метри од објектот во кој живеат. При прошетка на милениците, граѓаните треба да го задржат минимум потребното растојание од останатите лица и да не се собираат во групи.