Се зголемува будноста за следење на африканската свинска чума откако вчера се отвори уште едно жариште во Србија, кај Пирот, а пред една недела болеста беше потврдена и во уште четири реони на Бугарија. Во земјава африканска чума нема, но во сила остануваат веќе донесените мерки и забрани, рече на денешната средба со новинарите директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов. Тој нагласи дека опасноста не е помината и дека ќе трае повеќе години.
-Фармерите и натаму треба да ги спроведуваат биосигурносните мерки, а граѓаните кои патуваат надвор не треба да носат во куферите храна од животинско потекло, посебно не производи од свинско месо. Претпазливост мора да има. Забраните и мерките што ги имплементиравме остануваат. И натаму е забрането да се чуваат свињи на отворено и да се хранат со помии, потенцира Атанасов.
Потсети и дека за африканската свинска чума нема вакцина, поради што превентивните мерки се многу битни.
-Од август 2019 година досега, отстрелани се околу 1.000 диви свињи, но кај ниту една не е детектиран вирусот на африканска чума. Во ловиштата без концесионери, појасни тој, се издаваат дозволи за отстрел.
Во однос на класичната чума, вакцинацијата на свињите е прекината на 30 септември/1 октомври 2019. Земјава во втората половина од 2020 година ќе побара Светската организација за здравствена заштита на животните - ОИЕ, да и додели статус на слободна од болеста, а веќе од 1 јануари 2021 година се очекува да почнеме со извоз на свежо свинско месо и живи свињи. Атанасов ги потврди оценките на ФАО дека е можно поскапување на храната, особено на свинското месо поради болеста африканска свинска чума.
-Системот за безбедност на храната е функционален. Изминатата година не е евидентирано ниту едно труење, иако биле пријавени три случаи со 19 лица. Ваквите резултати се солидни, ако се земе превид дека во 2017 година, 21 лице завршиле на болничко лекување, а лани 35. Минатата година во трите случаи кои беа пријавени во АХВ, причинителот не е потврден зашто пријавените 19 лица имале благи симптоми
– истакна тој и додаде дека во светски рамки годишно се евидентираат по околу 600 милиони случаи на труење со храна, а од нив 430.000 завршуваат со смрт.
- Оттука, можеме да кажеме дека кај нас системот на безбедност на храната функционира и во него се вклучени сите инволвирани: потрошувачите, институциите, операторите со храна и лабораториите, рече Атанасов.
За поефикасна и уште подобра контрола, како и за поголема безбедност на храната, АХВ, потенцира директорот, воведе систем за брзо известување според европските стандарди, почна да спроведува Програма за контрола и превентива на одделни физички, хемиски и биолошки опасности во определени видови или категории храна, имплементира мониторинг на храната третирана со јонизирачко зрачење, а почна активно да работи и Националниот совет за безбедност на храната.
Престанува вакцинацијата против јазлеста кожа кај говедата и против беснило кај дивите животни.
-Опасноста од јазлеста кожа е помината со оглед дека болеста не е присутна во земјава од 2017 година. Превенцијата ќе продолжи со следење на состојбата, односно со мониторирање на фармите, истакна Атанасов.
Ова важи и за беснилото кое не е присутно од 2012 година, а последен пат вакцини во вид на мамки беа фрлени лани есента. И во овој сегмент ситуацијата ќе се следи со мониторирање.
-На добар пат сме да покажеме дека овие две болести ги нема кај нас. Тоа ќе значи можност за поголем извоз и унапредување на економијата, но и подобрена здравствена заштита и на животните и на луѓето, потенцира тој.
Запрашан за резултатите од кампањата за бесплатно микрочипирање на домашните миленици, Атанасов ги информира новинарите дека во електронскиот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство до крајот на годинава евидентирани се вкупно 74.260 домашни миленици кои се обележани со микрочип. Од нив, 71.076 се кучиња, 3.183 се мачки, а има и една ласица.
За да го намали бројот на бездомни кучиња, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), појасни директорот, на општините ќе им ги донира микрочиповите за милениците што останаа од бесплатната акција чиј рок беше пролонгиран и заврши на 31 декември. Се разгледува можноста, додаде Атанасов, покрај микрочиповите, да бидат поделени и ваучери.
-Ќе настојуваме да ја зголемиме и соработката со здруженијата за заштита на животните, особено во делот на стерилизацијата/кастрацијата на бездомните кучиња. Оваа мерка е предложена со измените во Законот за благосостојба на животните кој моментно е во собраниска процедура. Законот предвидува и зголемување на ингеренциите на комуналните инспектори со што би се интензивирале контролите во однос на одговорното сопствеништво, објасни тој.
Проблемот со бездомните кучиња е децениски, потенцира директорот, истакнувајќи дека истиот не може да се реши за две – три години. Лани првпат беше изречена парична казна од 500 евра за напуштање миленик. Акцијата за бесплатно микрочипирање на милениците почна во септември 2018 година. Требаше да заврши на 31 март 2019, но се пролонгира до 31 декември 2019. Од 1 април, кога стартуваше продолжениот рок, аплицирањето на микрочиповите почна да се наплаќа по 200 денари.
Во поглед на унапредувањето на системот на безбедност на храната во нашата земја, директорот Атанасов информира дека уште 13 оператори со храна од земјава се регистрирани за извоз во ЕУ. Одобренијата за извоз се издадени во периодот од јуни 2017 до крајот на декември 2019.
-Станува збор за компании кои извезуваат главно храна од животинско потекло, јајца, млечни, месни и производи од риба, рече тој.
АХВ го изврши прилагодувањето на законодавството со европското во најголем дел преку задоволување на хигиенските стандарди, вклучително и за традиционалните производи.
-Унапредени се условите на фармите и благосостојбата на животните, модернизирани се производните објекти за храна од животинско потекло, подобрен е квалитетот на суровото млеко, зголемена е контролата на пестицидите, а сигурен, веродостоен е и системот на националните лаборатории. На овој начин храната произведена во Република Северна Македонија ги гарантира високите стандарди не само за своите, туку и за потрошувачите на ЕУ, заклучи Атанасов.